Ако досега ветото за Северна Македонија за евроатлантските интеграции доаѓаше однадвор, денес прв пат ветото може да дојде одвнатре и тоа од политички партии, кои само декларативно кажуваат дека се за европска интеграција на државата, изјави премиерот Ковачевски, повторувајќи го ставот дека опозицискиот лидер Христијан Мицкоски е единствен политичар кој јавно порачал дека европската агенда не е иста со македонската.
„Она што е најфрапантно е дека ние првпат имаме политичар по 32 години независност, кој во јавна изјава вели дека европската агенда не е иста со македонската агенда. Тоа досега ниту еден политичар во државата не го кажал. На почетокот на оваа недела претседателот на ВМРО-ДПМНЕ изјави дека европската агенда не е иста со македонската агенда. Тоа значи дека тој има некаков друг план во однос на интеграцијата на државата и треба да го објасни“,
рече Ковачевски.
Според премиерот Ковачевски, на уставните амандмани повеќе не се гледа како гласање во Собранието за додавање други делови од народи, туку како гласање за европската иднина на државата.
„Се работи за техничка измена на Уставот во која покрај постојните делови од народи кои се дел од нашата Преамбула се додаваат делови од други народи кои досега не биле дел од Преамбулата, меѓутоа биле наведени под „други“ во самата Преамбула и со тоа практично се демантираат сите оние невистини, лаги, хистерија кои се ширеа во текот на изминатата година во однос на тоа дека во Македонија ќе се случела бугаризација, асимилација итн. Гледате дека тоа веќе не постои во јавниот дискурс, освен од неколку платени руски ботови, т.н. аналитичари, па и некои политичари, кои заради финансиски средства мораат да така да зборуваат“,
вели Ковачевски.
Во однос на роковите за уставните измени, Ковачевски вели дека штом ќе се случат веднаш наредниот ден се закажува меѓувладината конференција на која се отвораат поглавјата од првиот кластер – фундаменти. Истото важи ако се случи уставните измени да се донесат после 30 ноември, вели Ковачевски.
„Ако се донесат на пример во февруари идната година, тогаш и ќе се одржи и меѓувладината конференција“
потенцира Ковачевски.
Вчера собранискиот спикер Талат Џафери на брифинг со новинарите навести дека е можно одлагање на чинот на гласање за уставните измени, додека не се обезбеди потребното двотретинско мнозинство. Според него Деловникот дава таква можност.
„Чинот на гласање не е врзан за последниот ден, тоа да биде јасно во поглед на постапките. Тоа го предвидува Деловникот, а го покажува и праксата претходно од слични иницијативи за уставни измени, затоа што Собранието одлучува доколку го има потребно мнозинство за одлучување. Во тие рамки, не можам да претпоставам што и како ќе се случува, но формално Собранието ќе почне со расправа на 18 август, а чинот на гласање дали ќе биде по завршување на расправата или ќе биде одложено, зависи од конкретната состојба на деновите во кои тече расправата“,
рече Џафери.
За лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одложувањето на чинот на гласање за измени на Уставот значи само купување време за спас на политичките кариери на луѓе од власта.
„Јасно е дека тие немаат две третини. Сега веќе борбата кај поединци во Владата не е за уставните измени, борбата е како да го поминат месец август и дополнително да манипулираат со граѓаните и со јавноста бидејќи се под притисок за избори наесен. А избори наесен за дел од владините министри кои се дел од помалиот коалициски партнер СДСМ ќе значат крај на нивната политичка кариера, но исто така и за дел од министрите кои се дел од Демократската унија за интеграција“ ,
рече Мицкоски.
За предлогот за пристапување кон измена на Уставот да помине на пленарната седница, која ќе почне на 18 август, потребна е двотретинска поддршка (најмалку 80 гласа). Ако се случи тоа, процедурата ќе продолжи со следната фаза – подготовка и усвојување на нацрт-амандмани. Тогаш се доволни и 61 глас. Двотретинска поддршка повторно е потребна при третото гласање (фаза) – за предлог-амандманите.