Меѓу другото, од Хелсиншкиот комитет нагласија оти и понатаму ќе ја следат постапката и ќе бараат одговорност од полициските службеници од СВР Велес, кои со своето непостапување по пријави за семејно насилство, како што велат, грубо ги прекршиле своите законски овластувања и овозможиле ескалација на насилството
Хелсиншкиот комитет за човекови права ја поздрави одлуката на Основниот суд во Велес за ослободување на Павлинка Пале Илоска од обвинението убиство на миг, но истовремено бара од Јавното обвинителство да покрене постапка оти по сведочењето на Илоска, колега на нејзиниот невенчан а сега и покоен сопруг, сакал да го одмазди.
„Водејќи се од изнесените докази на главната расправа, судот констатираше дека делото е направено во нужна одбрана и ја потврди оправданоста на нашите залагања за промена во обвинението, поради историјата на насилство во овој случај. Комитетот и понатаму ќе ја следи постапката и ќе бара одговорност од полициските службеници од СВР Велес, кои со своето непостапување по пријави за семејно насилство, грубо ги прекршиле своите законски овластувања и овозможиле ескалација на насилството“,
стои во соопштението од Хелсиншкиот комитет.
Велешанката Павлинка Пале Илоска, која беше обвинета за кривично дело убиство на миг врз својот невенчан сопруг, денеска на судско рочиште е ослободена од обвинение.
Претходно, од Хелсиншкиот комитет укажаа дека во конкретниот случај станува збор за акт на самоодбрана, а не за сторено кривично дело убиство на миг, по што побараа судот да ги има предвид историјата на насилството врз жртвата, интензитетот на нападите и на повредите кои претходеле на настанот, раздразнетоста и уплавот кај жртвата во моментот на случување и истовремениот противправен напад – ударите по телото на жртвата, давењето и сериозноста на заканата по нејзиниот живот.