Хелсиншкиот комитет нотира зголемување на говорот на омраза на социјалните мрежи, кој, како што наведуваат оттаму, се поврзува со порастот на заболени од коронавирусот и превремените парламентарни избори.
Од Хелсиншкиот комитет во својот извештај за јуни посочуваат дека говорот на омраза е насочен кон непочитувањето на мерките за заштита од коронавирусот, однесувањето на дел од религиските лидери и ставањето на новите случаи на ковид-19 во етнички контекст.
Дополнително, се регистрира говор на омраза во предизборие, како и зачестени инциденти од омраза мотивирани од политичка припадност.
„Реакциите на социјалните медиуми се должат на драстичниот пораст на новозаболени лица со Ковид-19 од почетокот на месецот, кои добивајќи и етнички предзнак предизвикаа зголемен говор на омраза на социјалните медиуми. Слично како и за мај и април, најголемиот број пријави се регистрирани по последниот карантин поврзан со христијанскиот празник Духовден (неделата од 16 до 19 јуни). Слично како и во јуни минатата година, кога се одржа првата Парада на гордоста во Северна Македонија, во последните три дена од месецот Хелсиншкиот комитет за човекови права утврди зголемен тренд на говор на омраза по основ на сексуална ориентација и родов идентитет по повод серијата настани поврзани со одбележувањето на Месецот на гордоста“,
пишува во Извештајот.
Оттаму алармираат и дека се забележани прекршување на работничките права.
„Во јуни, четвртиот месец како се справуваме со здравствената криза предизвикана од коронавирусот и последиците кои произлегоа од тоа, регистриравме 30 пријави за прекршувања на работничките права и една пријава од работодавач. Случаите во најголем број се однесуваа на неисплаќање и/или намалување на платите на работнички кои биле ослободени од работните обврски согласно со владините мерки, како и на непреземањето соодветни чекори за заштита на работниците“,
се посочува во Извештајот.
Од Хелсиншкиот комитет ја поздравуваат реакцијата на Државниот инспекторат за труд кој утврди прекршување на работничките права во овие случаи, и сметаат дека е позитивен исчекор кон заштита на работниците.
Сепак, посочуваат дека инспекторатот, потфрла во искористувањето на својата надлежност да ги повика на одговорност работодавачите кои ги прекршиле мерките и работничките права.