Хелсиншкиот комитет за човекови права оценува дека институциите треба да бидат поагилни во следните месеци и врз основа на постојните законски решенија да го решат проблемот за добивање државјанство на дел од граѓаните. Во правниот заклучок од организацијата потенцираат дека има две категории граѓани, кои по различни основи можат да се стекнат со државјанство во следните три месеци, врз основа на постојните закони.
„Треба да се даде шанса на постојното законско регулирање и до истекот на рокот на 05.06.2021 година предвиден во Законот за странците и до истекот на рокот на 30.06.2021 година предвиден во Законот за неевидентирани лица во матичната книга на родени (ЗНЛМКР). Се работи за временски период од три месеци во кој надлежни органи треба да покажат агилност и флексибилност во рамките кои ги пропишува законот, да воспостават предвидлива и воедначена пракса при што навремено ќе ги споделуваат сите релевантни информации до засегнатите лица и групи“,
се наведува во заклучокот од Хелсиншкиот комитет.
Од Хелсиншкиот комитет додаваат дека ако не се најде решение до истекот на рокот предвиден со постојните закони, тогаш треба да се пристапи кон нова законска регулатива.
„Доколку и со примената на постојните законски одредби статусот на лицата без државјанство не се уреди, тогаш државата треба да изнајде решенија за нив, во согласност со меѓународните стандарди како и законодавството и праксата на Европската Унија“,
стои во заклучокот.