Првата телевизиска дебата на кандидатите на претстојните претседателски избори, но на Трамп и на Џо Бајден, беше одржана на 27 јуни во студиото на Си-ен-ен. Лошото претставување на Бајден тогаш беше главната причина тој да ја повлече својата кандидатура и да ја предложи потпретседателката Камала Харис. Таа формално ќе ја прифати номинацијата следната недела иако веќе ги обезбеди неопходните гласови за да биде номинирана за кандидат на демократите
Американската потпретседателка Камала Харис соопшти дека освоила доволно делегатски гласови за да биде номинирана од Демократската партија за нивен претседателски кандидат. Информацијата ја потврди и првиот човек на Демократскиот национален комитет Џејми Харисон.
Иако процесот на онлајн гласање завршува в понеделник, таа обезбеди мнозинството од гласовите на делегатите.
„Чест ми е што сум потенцијален демократски кандидат. Многу сум возбудена. Ни претстои многу работа. Моќта е во народот. Ќе победиме на овие избори“,
рече Харис во разговор со поддржувачите, додавајќи дека формално ќе ја прифати номинацијата следната недела.
Партиската конвенција на демократите во Чикаго е планирана е да се одржи во втората половина од август.
Во меѓувреме, кандидат за претседател на Републиканската партија, Доналд Трамп, се договори со телевизијата „Фокс њуз“ тие да ја организираат предизборната телевизиска дебата со неговата соперничка.
„Ако од некоја причина Камала не сака или не може да дебатира на овој датум, се договорив со ‘Фокс њуз’ да направиме голем настан во градската сала на истиот тој четврти септември“,
пишува Трамп во објавата на неговата платформа „Трут соушл“.
Првата телевизиска дебата на кандидатите на претстојните претседателски избори, но на Трамп и на Џо Бајден, беше одржана на 27 јуни во студиото на Си-ен-ен. Лошото претставување на Бајден тогаш беше главната причина тој да ја повлече својата кандидатура и да ја предложи потпретседателката Камала Харис.
Харис оттогаш ја доби поддршка од речиси сите видни членови на Демократската партија и активно ја води кампањата за претседател.
Деновиве таа го прошири и својот тим со тројца соработници на поранешниот претседател на САД, Барак Обама. Во предизборниот штаб ги вклучи Дејвид Плуф, Стефани Катер и Мич Стјуарт.
Плуф е политички стратег кој ја водеше успешната претседателска кампања на Обама во 2008 година и работеше како виш советник во неговата предизборна кампања за реизборот во 2012 година.
Катер, која беше шеф за комуникации во Белата куќа, беше и заменик-менаџер на кампањата на Обама. Нејзината фирма има договор да ја организира Демократската национална конвенција помеѓу 19 и 22 август во Чикаго.
Стјуарт, како и Плуф, работеше за Обама за време на двете негови изборни кампањи. Сега тој доаѓа како висок советник во кампањата во најспорните држави во трката меѓу демократите и републиканците.
Повеќе моќ во изборниот штаб на Харис сега оди кај Дејвид Биндер, кој, како и кога работеше под Обама, ќе го води тимот за испитување на јавното мислење, сега следејќи ги и медиумските трендови.
На чело на изборниот штаб на актуелната потпретседателка на САД е ветеранот од кампањата Џен О’Мали Дилон, која водеше три успешни кампањи – двете на Обама и онаа на Бајден.