Поранешниот премиер на Косово Рамуш Харадинај и повремено лут ривал на Хашим Тачи, застана зад претседателот на Косово кој денеска е на распит пред Специјалното обвинителство во Хаг. Харадинај на Фејсбук напиша дека борбата на албанскиот народ била праведна и дека покрај обидите да ѝ се наштети таа нема да се изгуби ниту денес ниту во иднина.
„Никогаш не сме избегнале да се соочиме со правдата секогаш кога тоа ќе се побара. Без оглед на нашите државни позиции, ние сме одговориле и ќе одговориме. Не постои суд што може да пресуди обид на народот да живее како секој друг слободен на својата земја“,
напиша Харадинај
Тачи, кон крајот на јуни беше обвинет за воени злосторства во Косово, а покрај него и Кадри Весељи, сопартиец на Тачи и претседател на Демократската партија на Косово. Весељи пред сослушувањето на Фејсбук напиша дека не се сомнева дека Косово ќе излезе како победник од таа битка, затоа што, како што рече, војната на ОВК била праведна.
„Оваа битка за Косово ќе биде триумфална, во која повторно ќе бидам со мојот брат во војната, Хашим Тачи. Затоа што нашата ослободителна војна исто така беше исправна и триумфална. Сонцето повторно ќе изгрее“,
напиша Весељи
Обвинението за Хашим Тачи беше испорачано во „интересен“ момент, кога и тој и премиерот на Косово, Авдулах Хоти, требаше да тргнат за Вашингтон на средба со српскиот претседател Александар Вучиќ.