На состанок со високи ирански претставници, Хамнеи рече дека понудата на Вашингтон за продолжување на разговорите има за цел да ги наметне сопствените очекувања, јавија иранските државни медиуми
Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, денеска изјави дека Техеран нема да биде вовлечен во преговори со „насилните влади“, еден ден откако американскиот претседател Доналд Трамп рече дека испратил писмо до највисокото иранско раководство во кое повикува на разговори за нуклеарен договор.

На состанок со високи ирански претставници, Хамнеи рече дека понудата на Вашингтон за продолжување на разговорите има за цел да ги наметне сопствените очекувања, јавија иранските државни медиуми.
„Некои насилнички влади инсистираат на преговори не за да ги решаваат прашањата, туку за да доминираат и да ги наметнат сопствените очекувања … Овде не се работи само за иранското нуклеарно прашање. Иран сигурно нема да ги прифати нивните очекувања“,
рече Хамнеи.
Во делови од интервју за Фокс бизнис објавени вчера, Трамп вели дека со Иран може да се постапува на два начина – воено или да се направи договор, што ќе го спречи Техеран да набави нуклеарно оружје.
Во својот прв мандат, Трамп ги повлече Соединетите држави од договорот со Иран со големите сили, кој постави ограничувања на иранската нуклеарна програма во замена за олеснување на санкциите.
Тој воведе и санкции кон Техеран, по што Иран далеку ги надмина ограничувањата наметнати со договорот.
Шефот на нуклеарната агенција на ОН, Рафаел Гроси, рече дека истекува времето да се воведат нови ограничувања на активностите на Иран бидејќи Техеран го забрза збогатувањето на ураниум блиску до нивоата за вооружување.
Техеран инсистира на тоа дека ја развива својата нуклеарна програма исклучиво за цивилни цели.