Во соопштението објавено вечерва, Хамас вели дека сака „да го продолжи примирјето по завршувањето на четиридневниот период, преку сериозни напори да го зголеми бројот на ослободени од затвор како што е предвидено во договорот за хуманитарен прекин на огнот“

Хамас вели дека сака да го продолжи четиридневното примирје со Израел, кое влезе во третиот ден и досега се ослободени три групи израелски заложници од Газа и три групи палестински затвореници и притвореници од израелските затвори, јави Си-Ен-Ен.
Во соопштението објавено вечерва, Хамас вели дека сака „да го продолжи примирјето по завршувањето на четиридневниот период, преку сериозни напори да го зголеми бројот на ослободени од затвор како што е предвидено во договорот за хуманитарен прекин на огнот“.
Претходно овој викенд, катарските власти, кои одигра централна улога во посредувањето во договорот, изјавија дека исто така се надеваат дека ќе продолжи примирјето, кое вклучува одредба за продолжување на еден дополнителен ден за секои десет заложници што Хамас е подготвен да ги ослободи.
„Она на што се надеваме е дека моментумот што го донесоа ослободувањата и договорот од четири дена ќе ни овозможи да го продолжиме примирјето и по овие четири дена и да влеземе во посериозни дискусии за останатите заложници“,
изјави за Си-Ен-Ен портпаролот на катарското Министерство за надворешни работи, Мајед Ал-Ансари.
Американскиот претседател Џо Бајден, исто така, изрази желба да продолжи паузата во борбите.
Од друга страна, воениот кабинет на Израел денеска разговараше за можноста за продолжување на привременото примирје со Хамас, изјави израелски извор за Си-Ен-Ен.
Изворот вели дека условите за продолжување остануваат непроменети од првичниот договор, што значи дека Хамас треба да ослободи дополнителни десет заложници за секој дополнителен ден пауза во борбите.
Израел и Хамас постигнаа договор минатата недела за четиридневна пауза во борбите и ослободување на најмалку 50 жени и деца држени како заложници во Газа.
Договорот вклучуваше ослободување на заложниците кои беа заробени од Хамас во замена за голем број палестински жени и деца во израелските затвори. Во меѓувреме, примирјето дозволи влез на поголем број хуманитарни конвои и хуманитарна помош. Првото ослободување на заложниците и затворениците се случи во петокот, а другите се одржаа во сабота и недела.