На ова реагираа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ , нагласувајќи дека Владата потрошила 5 милиони евра за претседавањето со ОБСЕ, „а добивме Виетнамски хотлајн“
Само дваесетина дена откако Македонија стана претседавач со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), македонската страница на оваа меѓународна организација на Фејсбук е преземена со хакерски напад.
Од ОБСЕ го потврдија случајот, поставувајќи објава во која ги предупредуваат корисниците на Фејсбук.
„ОБСЕ знае дека Фејсбук профилот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје е хакиран. Ве молиме имајте предвид дека сите пораки кои доаѓаат од таа сметка до понатамошно известување не се авторизирани од ОБСЕ“,
стои во објавата.
На ова реагираа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ , нагласувајќи дека Владата потрошила 5 милиони евра за претседавањето со ОБСЕ, „а добивме Виетнамски хотлајн“.
„На само неколку дена по преземањето на претседавањето со ОБСЕ, фејсбук страната на ОБСЕ во Македонија е хакирана и сега наместо за промоција на земјата и ОБСЕ служи како Виетнамски хотлајн. Срамота е кога претседаваме со Организацијата за безбедност и соработка во Европа да имаме нарушена безбедност. Ковачевски и Османи не можат да обезбедат, ниту една фејсбук страница, а не пак нешто повеќе. На што троши власта 5 милиони евра, кога државата се брука на секој чекор? Дали и овие 5 милиони евра, ќе се потрошат како стотиците илјади евра потрошени на саемот за вино во Белград, каде наместо промоција на државата имавме шетање на државен трошок на луѓе од власта. Со Ковачевски и Османи, наместо промоција имаме понижувања и потсмевања“,
истакнаа од опозициската партија.