Прашан дали јавноста „треба да се меша во неработата на обвинителите“, скопскиот виш обвинител рече дека за неработата тука се тие како шефови
В.д. шефот на Вишото јавно обвинителство Скопје, Мустафа Хајрулахи, во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат, рече дека не сака да ги коментира меѓусебните обвинувања на вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска и државниот обвинител Љубомир Јовески, порачувајќи дека двете страни делат заеднички интерес – да функционираат нештата во државата. Сепак, Хајрулахи не изостави да каже дека никој не треба да се меша во работата на обвинителството. Прашан – а, дали јавноста „треба да се меша во неработата на обвинителите“, тој одговори:
„А, во неработата, затоа сме ние тука како шефови на тие обвинителства и ако некој е за успехот и неуспехот на тие обвинителства, одговорноста е наша“.
За ниската доверба на граѓаните во обвинителството и целиот правосуден систем, Хајрулахи вели дека за него потврда за успешност се годишните извештаи кои покажале напредок во работата, а не рејтинзите кои, како што рече, се мерило за успешност на политичките партии.
Вицепремиерката Славица Грковска минатата недела во телевизиско гостување го критикуваше изборот на обвинителот Ислам Абази за шеф на обвинителството за гонење организирна криминал, оценувајќи дека обвинителите немаат интегритет при носењето одлуки. Таа го искритикува и тоа што државниот обвинител Јовески е кандидат за член на Уставниот суд, бидејќи не покажал значителни резултати во работата.
„Изборот на шефот на ОЈО ГОКК е сосема законски, но тоа што мене како граѓанин прво ме поразува, и ова отворено го кажувам, е немањето интегритет кај обвинителите да одлучуваат независно. Ние како Влада сме овозможиле предлог на закон што поминал во Собранието и со кој се овозможило на тајно гласање обвинителите да го изберат првиот човек на обвинителството за организиран криминал. И ние се доведуваме во ситуација, се соочуваме со обвинители кои се плашат дека и покрај тоа што гласаат тајно некој може да дознае“,
рече Грковска.
Јовески, во писмена реакција, ставот на Грковска го толкуваше како мешање во работата на обвинителството, а за коментарите дека тој не треба да биде избран за уставен судија, возврати со тврдење дека во Владата не треба да има посебен кабинет за добро владеење.
„Можеби и мое лично мислење е дека ќе биде подобро и поцелисходно доколку издвоените финансиски средства за функционирање на Кабинетот задолжен за политики за добро владеење се искористат за поефикасна борба против корупцијата, наместо да се трошат за дебати и конференции со занемарлив ефект, но како носител на функцијата јавен обвинител немам право јавно да ја промовирам оваа лична теза, бидејќи Владата сметала дека е потребно вакво тело“,
порача Јовески.
За изборот на Абази остри критики стигнаа и од меѓународната заедница, а на почетокот на декември во земјава одекна и веста дека специјален тим за санкции пристигнал во Скопје за поагресивно да истражува корупција кај поранешни, но и кај актуелни функционери.
„Тимот за санкции од Вашингтон е тука за поагресивен поглед на минатите и сегашните корумпирани актери и да ги разгледа сите можни одговори. На правосудниот сектор во Северна Македонија му требаат повеќе истраги и гонење за да се покаже дека никој не е над законот“,
напиша тогаш на Твитер американската амбасадорка Анџела Агелер.