„Заев го направи најголем пријател и сојузник, а мене, кој цел живот ги бранам националните, државните и партиските интереси, и само добрини сум му направил во животот, ме прогласи за непријател. По ова мерете му го умот!“, пишува Груевски во денешната реакција на одговорот од Мицкоски

Втор ден трае „војната“ со прашања, одговори и преписки меѓу актуелниот и поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и Никола Груевски.
Откако утрово Мицкоски преку објава на својот фејсбук-профил му одговори на вчерашната прозивка на Груевски, попладнево повторно на Фејсбук излезе објава од поранешниот премиер Никола Груевски, а сега бегалец во Унгарија.
Тој вели дека одговорот на Мицкоски е како што очекувал, без никаков аргумент, без никаков доказ или нешто слично.
„Ти реков ми рече, од типот ‘се слуша’, ‘гласно говорат’, ‘се фалат’ итн.“,
пишува Груевски, прашувајќи дали е тоа политика, така ли се води партија и така ли се гради единство во партијата.
„Мицкоски си ја исполни повеќегодишната желба да влезе во јавен конфликт и напади врз мене. Некој му кажал дека тоа ќе му е од корист. Провокациите од негова страна не се од вчера, само што на таа провокација од вчера не можеше да не се одговори, барем со прашања колку да се извади на површина дека Христијан Мицкоски изнасилено си создаде нов противник наместо да се занимава со власта, која седма година не може да ја сруши и покрај нивната неспособност, корумпираност и безидејност“,
вели Груевски во објавата.
Според него, Мицкоски си создава ново алиби за секоја идна намерна или ненамерна грешка и штетна одлука, алиби за идните изборни резултати, кои, како што вели, со овој памет нема да се очекуваните од сите нас.
„Напишал дека сум сакал да создавам раздор и тој не сакал јавно да се препукува, ќе ми кажел во четири очи. А, ме нападна преку најпознатиот германски медиум. Јас знам, а и јавноста, дека со ниту еден збор или потег не сум направил раздор досега. Ако навистина сум планирал такво нешто, зошто не почекаа, да се види тоа, да направам нешто што ќе им биде поткрепа на тезите, а не од наводни озборувања и шпекулации да градат политики“,
додава Груевски.
Напротив, вели Груевски, раздорот го направи тој со прогласувањето за нов непријател и жестокиот напад без да се даде најмала причина.
„Заев го направи најголем пријател и сојузник, мене кој цел живот ги бранам националните, државните и партиските интереси, и само добрини сум му направил во животот, ме прогласи за непријател. По ова мерете му го умот!“,
пишува Груевски.
Во објавата тој додава дека Мицкоски ја ставил целата партиска машинерија во одбрана на неговите, како што вели, параноични, штетни и бесмислени чекори и политики. Токму тоа е „со сила” создавање раскол, растурање, а не нешто што тој направил.
„Јас во континуитет жестоко го напаѓам СДСМ. Мицкоски ме нападна мене. Нели ви е нешто чудно тука? Сè тоа може да му биде интересно до следните избори, кога оваа политика на создавање непријатели од луѓе кои го посветиле животот на партијата и каузата ќе ја следи од канцеларијата и ќе му одработува партиската машинерија која му ја оставив. Но, што потоа?“,
додава Груевски.
Вчера актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ го обвини својот претходник Никола Груевски дека е во тајна комуникација со Владата, со цел да се подели ВМРО-ДПМНЕ за да се протуркаат уставните измени.
На ова, Груевски веднаш преку својот фејсбук-профил објави реакција и побара од Мицкоски да изнесе докази дека тајно комуницирал со Владата за уставните измени. Груевски напиша дека очекува одговорот на Мицкоски да биде јасен, недвосмислен, директен и личен исто како и изјавата, без, како што вели тој, префрлање изјави на претставници на партијата, портпароли, давање брифинзи на портали или други медиуми со кои има блиска соработка.
Утрово, писмена реакција имаше и од Мицкоски, кој на Фејсбук напиша дека му е жал што Груевски се одлучил на чекорот да прави јавна пародија и да служи за дефокус од криминалот на оваа власт. Тој додаде „еден ден, кога ќе се видиме очи во очи, ќе ти кажам и детали ако си подготвен да ги чуеш“.