Дали може лично Мицкоски јавно да каже со кој мој потег, изјава, натпис или било што јас сум се обидел да ја поделам партијата и да даде доказ дека јас сум прифатил валкана игра со власта која треба да ја спроведам со помош на мои приврзаници во партијата, пишува Груевски на Фејсбук
Поранешниот премиер Никола Груевски, а сега бегалец во Унгарија побара од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски да изнесе докази со кои ќе ги поткрепи тврдењата што ги изнесе во интервју за германскиот медиум „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ).
Груевски, во статус на својот фејсбук-профил го повика Мицкоски да одговори на две прашања.
„Во врска со изјавата на Христијан Мицкоски за германскиот медиум ‘ФАЦ’ а поврзано со мене, го повикувам јавно да одговори на следните две прашања: дали е точно дека тоа го кажал во изјавата за германскиот медиум и доколку е точно, дали може лично тој јавно да каже со кој мој потег, изјава, натпис или било што јас сум се обидел да ја поделам партијата и да даде доказ дека јас сум прифатил валкана игра со власта која треба да ја спроведам со помош на мои приврзаници во партијата“,
пишува Груевски на Фејсбук.
Груевски се надева дека одговорот на Мицкоски ќе биде јасен, недвосмислен, директен и личен исто како и изјавата, без, како што вели тој, префрлање на изјави на претставници на партијата, портпароли, давање брифинзи на портали или други медиуми со кои има блиска соработка.
Денеска, „Дојче веле“ повикувајќи се на германскиот „ФАЦ“ пренесе дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го обвинил својот претходник Никола Груевски дека е во тајна комуникација со Владата, со цел да се подели ВМРО-ДПМНЕ за да се протуркаат уставните измени.
Во разговорот за „ФАЦ“ Мицкоски вели дека Владата планира да му вети кривична неказнивост на поранешниот премиер Никола Груевски кој побегна во Унгарија за да избегне затворска казна. Како што додава Мицкоски, Груевски треба да се врати и да помогне, со помош на неговите поддржувачи, уставните измени да поминат во Парламентот.