„Ќе се обврзам со сета посветеност и максимално, заедно со сите наши пријатели и партнери, со кои ја споделувавме визијата и работевме со години за интеграција на земјата во евроатлантските структури, целосно да го разјасниме ова прашање“, вели Груби во објавата на Фејсбук, откако заедно со судијата Енвер Беџети од денеска станаа дел од т.н. „црна листа“ на САД поради вмешаност во значителна корупција
Поранешниот прв вицепремиер Артан Груби вечерва се огласи преку социјалните мрежи во врска со неговото санкционирање, односно ставање на т.н. „црната листа“ на САД, за што вели, дознал од медиумите, и додава дека оваа одлука на американскиот Стејт департмент го засега директно и лично.
Дополннително, тој во објавата вели дека ќе се обврзе „со сите наши пријатели и партнери“, целосно да „го разјасниме ова прашање“.
„Во недостиг на детални информации, дознав од медиумите за денешната одлука на Стејт департментот. Како човек кој својот јавен живот го посвети на одбраната на западните демократски вредности и кој секогаш посветено работеше за членството на земјата во НАТО и во Европската Унија, оваа одлука ме засега директно и лично.
Ќе се обврзам со сета посветеност и максимално, заедно со сите наши пријатели и партнери, со кои ја споделувавме визијата и работевме со години за интеграција на земјата во евроатлантските структури, целосно да го разјасниме ова прашање“,
вели Груби, додавајќи дека „транспарентноста и посветеноста на демократските вредности и понатаму ќе бидат главниот столб на секоја моја акција“.
Американскиот Стејт департмент попладнево, според македонско време, соопшти дека експрвиот вицепремиер во владите на СДСМ и ДУИ, Артан Груби, и судијата во Апелацискиот суд, Енвер Беџети, се ставени на „црната листа“ поради вмешаност во значителна корупција.
Двајцата се најдоа на листата на санкционирани поради примање поткуп во врска со судските процеси поврзани со ексдиректорот на поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, кој веќе се наоѓа на „црната листа“.
Во врска со нивното санкционирање, американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер преку објава на социјалните мрежи, меѓу другото, порача дека политичкото мешање во судството не може и нема да се толерира.
„Денешното именување на Артан Груби и Енвер Беџети е доказ дека политичкото мешање во судството не може – и нема – да се толерира. Соединетите Држави ќе продолжат да ги именуваат оние кои се вклучени во значителна корупција што ги поткопува демократските институции и ја нарушува довербата на јавноста. Никој не е над законот, а одговорноста е суштинска за напредок“,
вели Агелер.
Груби и Беџети се во друштво на уште 14 лица кои се најдоа на најновото проширување на американската „црна листа“, а кое, како што соопштија од Стејт департментот, доаѓа на Меѓународниот ден за борба против корупцијата и во пресрет на Денот на човековите права.
Груби и судијата Енвер Беџети се првите кои се наведени како санкционирани, веднаш по воведниот дел од соопштението на американскиот Стејт департмент. Претходно годинава на „црната листа“ на САД од земјава беа ставени ексшефицата на згаснатото Специјално јавно обвинителство (СЈО), Катица Јанева, и актуелниот градоначалник на Општина Карпош и лидер на политичката партија ГРОМ, Стевчо Јакимовски.
На „црна листа“ на САД минатата година се најдоа и имињата на ексвицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, бизнисменот Орце Камчев, бизнисменот Сергеј Самсоненко, струшкиот градоначалник Рамиз Мерко. На оваа листа тие им се придружија на експремиерот Никола Груевски и на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.