Првиот вицепремиер изрази надеж дека ВМРО-ДПМНЕ „ќе смогне сили, ќе се надмине себеси, ќе гласа и ќе го тргне ова прашање од дневната политичка агенда затоа што тоа е во интерес на сите граѓани“
Вицепремиерот Артан Груби е дециден дека на средбите кои претставниците на власта вчера и завчера ги имаа со заменик-помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар, не се разговарало за одржување предвремени парламентарни избори, на кои подолг период повикува опозициската ВМРО-ДПМНЕ како единствено решение за актуелната политичка состојба во земјава.
Со Ескобар, вели Груби, единствено се разговараше за успешно заокружување на процесот на уставни измени што е услов за земјава да ги продолжи преговорите со Европската Унија и за поддршката на САД во овој процес.
„Воопшто не се разговараше за предвремени избори, се разговараше единствено за успешно завршување на уставните измени, техничките уставни измени и продолжување на европскиот пат на нашата земја. Се надевам дека ВМРО-ДПМНЕ која што има своја програмска определба да ја зачлени нашата земја во Европската Унија ќе смогне сили, ќе гласа и ќе го тргне ова прашања од дневно политичката агенда и ќе го стави ова прашање во државен интерес зашто тоа е интерес за сите граѓани“
изјави Груби.
Првиот вицепремиер уверува дека уште истиот ден кога пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат за промените на Уставот, Собранието ќе се распушти и ќе се одржат предвремени избори.
„Имаме контакти, средби со партијата се гледаме во Собранието секојдневно се обидуваме да ги убедиме, иако јас знам, длабоко сум убеден ги познавам и тие сами знаат дека ова не и прави ништо лошо на нашата заедничка држава и се надевам дека ќе се најде начин не само со дел од пратениците туку со цела ВМРО-ДПМНЕ да одиме напред“,
додаде првиот вицепремиер.
За тоа дека предвремени парламентарни избори се единствено решение во моментов, вчера на Ескобар му укажал лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за време на средбата во Амбасадата на САД во Скопје. Дополнително, Мицкоски го повторил партискиот став околу уставните измени.
Прашан за ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека избори се единствениот излез во моментов, заменик-помошникот државен секретар на САД во интервју за „360 степени“ вели дека тоа не е работа на САД, туку на граѓаните. Кога вели дека тоа треба да го одредат граѓаните, тој се дополнува и дава аргументи против брзи избори:
„Се надевам дека граѓаните ја разбираат огромната можност која е пред нив и дека треба да ја искористат. Се надевам и дека ќе испратат сигнал до лидерите на Северна Македонија дека го сакаат тоа и дека го сакаат тоа брзо, дека го сакаат сега, за да можеме да почнеме да ја градиме таа структура за Северна Македонија да биде целосно и формално дел од секоја евроатлантска структура. Затоа што ние таму ве посакуваме.“