Посетителите на трговските центри во Грција повеќе не се обврзани да носат заштитна маска, додека пак во кафулињата и угостителските објекти нема ограничувања на бројот на гости на една маса, согласно новата заедничка министерска одлука, јави МИА од Атина.
Според конкретната одлука, се укинува задолжителното носење маска за посетителите на трговските центри, а останува задолжителна за вработените.
Во Грција и понатаму сите оние што ги користат превозните средства – јавниот превоз, авиони, бродови, траекти, возови, обврзани се да носат заштитна маска.
Во истата министерска одлука, се укинува и ограничувањето на масите во кафулињата и угостителските објекти да има најмногу шест лица, а продолжуваат да важат правилата и мерките за растојание помеѓу масите и бројот на гости во зависност од големината на површината.