Во последното деноноќие во Грција се регистрирани 262 нови случаи на ковид-19, што е највисока бројка за еден ден во оваа земја од почетокот на епидемијата, јави МИА.
Според последните статистики две лица починаа.
Од новите случаи, 22 се по направените тестови на влезните точки во земјата, а 36 се во Дом за стари лица во Солун.
Шефот на Комисијата на епидемиолози во Министерството за здравство на Грција, професорот Сотирис Циодрас итно замина за Солун за одблиску да ја види ситуацијата во Домот за стари лица. Тој истакна дека 33 случаи се кај лицата сместени во домот, а останатите тројца кај персоналот, додека пак вирусот го пренел вработен.
Во однос на зголемениот број нови случаи во Солун и во Атина, Циодрас истакна дека голем процент од нив се од лица кои се вратиле од одмор или на Халкидики или на Кикладските Острови.
Од почетокот на епидемијата во Грцја се регистрирани 6 177 случаи на ковид-19, а починаа 216 лица.