Во моментов се чини дека не е реално од 1 декември да олабават мерките или да вратиме дел од економијата во нормала, изјави денеска портпаролот на грчката влада Стелиос Пецас во интервју за телевизијата ЕРТ, за тоа дали карантинот ќе заврши на 30 ноември.

Како што јави МИА од Атина, Пецас вели дека во текот на следната недела ќе го разгледаат планот за постепено враќање во еден вид нормалност кон средината на декември и додаде дека сега она што е важно е сите да се насочат кон тоа да нема дополнителното ширење на коронавирусот.

„Дискусијата за тоа кога би се намалиле рестрикциите во услови кога водиме битка, во голема мера, е во погрешен момент. Многупати кажавме дека ќе почнеме од областа што има помал епидемиолошки товар, како што се училиштата, па малопродажбата, потоа угостителските објекти. Во моментов нема временски рок бидејќи се фокусираме на битката“,
вели Пецас.