На состанокот е договорено дополнително зајакнување на информатичките системи со цел побрзо спроведување на контролите, како и разгледување на можноста за поставување привремени технички решенија за олеснување на протокот на патници и возила
За денеска се најавени посети на специјални тимови на граничните премини „Евзони“ кон Северна Македонија и „Кипи“ кон Турција, со цел да се процени спроведувањето на дополнителните мерки што се утврдени на состанокот
Грчките власти најавија пакет нови мерки што треба да се насочени кон подобрување на протокот на патници и возила на граничните премини „Кипи“ кон Турција и „Евзони“ кон Северна Македонија, по воведувањето на системот за влез и за излез од земјите на Европската Унија (ЕЕС).

Одлуката е донесена на вчерашниот состанок во Солун, свикан од заменик-министерот за внатрешни работи на Грција, задолжен за областите Македонија и Тракија, Константинос Гулекас, на кој учествувале претставници на надлежните институции, безбедносните служби и локалните власти.
На состанокот е договорено дополнително зајакнување на информатичките системи со цел побрзо спроведување на контролите, како и разгледување на можноста за поставување привремени технички решенија за олеснување на протокот на патници и возила.
Според Гулекас, континуирано расте туристичкиот и трговскиот сообраќај кон Грција, додека новата европска регулатива за проверка на биометриски податоци на патниците што влегуваат и излегуваат од земјата создава дополнителни доцнења при граничните контроли.
Целта на состанокот, како што додаде тој, е подобра координација меѓу сите надлежни служби, а донесените мерки веднаш ќе почнат да се применуваат на терен.
За денеска се најавени посети на специјални тимови на граничните премини „Евзони“ кон Северна Македонија и „Кипи“ кон Турција, со цел да се процени спроведувањето на дополнителните мерки што се утврдени на состанокот.
Во тимовите се вклучени претставници од Децентрализираната администрација Македонија-Тракија, од регионалните власти на Централна и Источна Македонија-Тракија, од полицијата, царината и од локалните општини.
Министерот за заштита на граѓаните на Грција, Михалис Хрисохоидис, вчера говорејќи за примената на системот за влез и за излез од земјите на Европската Унија (ЕЕС), рече дека земјата мора да ја имплементира европската легислатива бидејќи Европската комисија инсистира на целосна примена.
Посочи дека добил поплаки од колегите од Северна Македонија и од Србија, додавајќи дека проблемот со биометриската регистрација има два аспекти – самиот процес што бара време и застарената грчка инфраструктура.
„Имам добиено поплаки од моите колеги од Северна Македонија и Србија. Многу ми е жал, но треба да ја имплементираме европската легислатива. Жал ми е што сето ова во првата фаза предизвикува доцнење, кое не се должи на недостиг на персонал. Проблемот е двоен – прво, процедурите што бараат одредено време и не можеме да ги прескокнеме бидејќи ЕК инсистира на целосна примена, што значи дека секој државјанин од трета земја, како и полицаецот што го контролира, треба да потроши неколку секунди или минути. А второ, за жал, како што веќе знаете, нашата инфраструктура, реално е застарена и треба обновување“,
изјави министерот Хрисохоидис, додавајќи дека веќе се гради новиот граничен премини „Кипи“ кон Турција и дека новите инфраструктури ќе го олеснат проблемот.
