Неспоредливи се компликациите од заболување со ковид во однос на реакциите од вакцината, појаснува Грозданова, особено вели, во повозрасната група на граѓани
Заклучно со 31 март во нашата земја со „Астра Зенека“ се вакцинирале 663 граѓани постари од 77 години и досега ниту еден од нив не пријавил несакани реакции по вакцинацијата, рече проф. д-р Александра Грозданова, од Националната техничка група за ковид-19 вакцинација, во вечерашната дебата на „360 степени“.
„Верувам дека на вака релативно голема бројка од 663 вакцинирани граѓани, доколку постоеше несакана реакција досега ќе се пријавеше“,
додаде Грозданова.
Неспоредливи се компликациите од заболување со ковид во однос на реакциите од вакцината, појаснува Грозданова, особено вели, во повозрасната група на граѓани.
„Заболувањето од ковид со сите можни компликации кои ги гледаме подолго време кај пациентите и не само акутната состојба, туку и хроничните состојби се неспоредливи, во однос на малите бројки на несакани реакции кои се појавуваат по вакцината“,
вели Грозданова.
Таа додава дека „Астра Зенека“ е безбедна вакцина и вели дека е изработена на истата платформа како и руската вакцина „Сптуник В“.
„Тоа се векторски вирусни вакцини…Се согласувам дека беспотребно се создава паника меѓу граѓаните, но тие ќе се уверат дека вакцината е безбедна. Апелирам да се верува на научните истражувања. Фактот дека 20 милиони лица ја примиле вакцината на ‘Астра Зенека’ во изминатите три и пол месеци е доволен аргумент за нејзината безбедност. Од друга страна, ќе бидеме претпазливи и ќе ги следиме препораките на другите национални комитети“,
вели Грозданова.