Иницијативата за носењето на ваквото законско решение, како што рече вицепремиерката во интервју за ТВ Телма, е и со цел да се поттикнат правосудните органи да бидат поефикасни и да го работат она што сите го очекуваат од нив
Според универзитетскиот професор Гордан Калајџиев, кој вечерва беше дел од учесниците во дебатата на „Топ тема“ на ТВ Телма во врска со законските измени, тие се косат со повеќе членови од Уставот. Како што кажа, не можат да се кршат правата на поединците под изговор дека обвинителството не било доволно ефикасно
Измените на Законот за рестриктивни мерки кои вчера беа утврдени од Владата, а кои предвидуваат лица и компании кои ќе се најдата на „црните листи“ на САД и на Велика Британија да подлежат на санкции и пред домашните институции, според вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска не се противуставни.

Од друга страна, пак дел од правната фела е на сосема спротивно мислење. Универзитскиот професор Гордан Калајџиев смета дека самиот текст на дополнувањата на Законот е конфузен и со него Владата се обидува да провлече нешто што е во сосема друга област.
Грковска во интервју за емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма ги бранеше измените на Законот, посочувајќи дека тие не можат да бидат противуставни доколку со нив се дефинира процедура по која ќе се постапува со лицата или компаниите, коишто се ставени на црната листа на САД и Обединетото Кралство, и доколку таа е поврзана со постоечкото македонско законодавство.
Во контекст на ова таа се повика на стратешкото партнерство кое С Македонија го има со Соединетите Американски Држави, кое, како што рече е клучно за нашата држава.
„Сметам дека треба да бидеме свесни дека стратешкото партнерство со САД е клучно за нашата држава. Ако САД биле наш недвосмислен поддржувач, историски гледано наназад, за постигнување на сите наши стратешки цели, и како народ и како држава, тогаш истото би требало да се однесува и кога станува збор за борбата против корупцијата и организираниот криминал. Сметам дека во најмала рака е несериозно ние да очекуваме од нашите стратешки партнери да поднесуваат посебни барања, како што налага актуелниот закон, наместо доколку се објават листи и компании на црната листа веднаш да се процесуираат во нашиот правосуден систем“,
рече Грковска во интервјуто.
Иницијативата за носењето на ваквото законско решение, како што рече таа, е и со цел да се поттикнат правосудните органи да бидат поефикасни и да го работат она што сите го очекуваат од нив.
Таа, објаснувајќи го законското решение, рече дека Владата не e таа која што ја води постапката, туку само испраќа иницијатива до обвинителството веднаш да започне процедура. Како што рече таа, со ова решение, Владата ќе ја усвојува листата на предлог на органот којшто ја има надлежноста, во зависност од тоа за какво дело се однесуваат санкциите, а понатаму процедурата оди согласно законите.
„На таков начин го обврзуваме обвинителството веднаш без никакво одлагање да ја започне процедурата, а имајќи предвид дека лицата или компаниите кои се на црна листа особено на САД се таму врз основа на сериозни докази коишто се собрани од македонските институции и коишто ќе бидат доставени до нашите власти му ја олеснува работата на обвинителството затоа што ќе ги добие сите докази обезбедени на едно место… Ние даваме иницијатива и предлог до обвинителството, како што и сега секој граѓанин може даде иницијатива и предлог. Така што не му наложуваме ние на обвинителството, туку едноставно велиме дека тоа се документите, таа е листата и ви ги даваме во надлежност за постапување“,
рече Грковска во интервјуто.
Вицепремиерката во таа насока кажа дека обвинителството може да реагира и по допрен глас, но за жал, како што додаде, досега не сме виделе ниту еден чекор во таа насока.
„Ние сме свесни дека ваквите решенија предизвикуваат вознемирување во онаа мала група на луѓе која што е научена да се однесува со државата како што сака. Фактот дека и бегалецот од правдата (Никола ) Груевски од Будимпешта се јави да реагира и да се повикува на суверенитетот на државата, сакајќи да се спротивстави на ваквите решенија, само зборува за тоа дека иницијативата којашто ја покренавме и законските решенија кои што ги направивме ја погаѓаат целта“,
рече Грковска, притоа мислејќи на неодамнешната објава на Фејсбук на експремиерот и поранешен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, во која тој ги коментираше измените на Законот за рестриктивни мерки.
Според универзитетскиот професор Гордан Калајџиев, кој вечерва беше дел од учесниците во дебатата на „Топ тема“ на ТВ Телма во врска со законските измени, тие се косат со повеќе членови од Уставот. Како што кажа, власта не може да ги крши правата на поединците под изговор дека обвинителството не било доволно ефикасно.

„Дали постојат независни одлуки на Владата, тоа е најголемиот проблем, или само се таргетира обвинителството. Еден од спиновите на вицепремиерката беше дека всушност сакаат, бидејќи не се постапувало по црните листи, да го натераат обвинителството да биде поефикасно. Тоа е исто така безобразно бидејќи обвинителството е нивен орган, на владата, тие одговараат и имаат влијание дали е опремено, како постапува, пред нив одговара. Тие го бираат обвинителот и несериозно е владата да го крши уставниот поредок за нешто што не успеала во сопственитев редови, тие се нивни луѓе. Не може да ги кршат правата на поединците, на приватната сопственост и слично, под изговор дека обвинителството коешто е нивно не било доволно ефикасно“,
вели Калајџиев.
По вчерашното утврдување на измените на Законот, образложение за нив даде министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кој е предлагач на Законот.
Говорејќи за измените тој посочи дека во наредниот период ќе биде потребно адаптирање и на други закони согласно сите аспекти што ги регулира овој закон, како што се Законот за кривична постапка и Законот за јавни набавки.
Владата која првично ги одобри, па поради админситративни причини ги повлече предлог измените на Законот за рестриктивни мерки, синоќа на седница даде зелено светло за ова законско решение и го испрати на усвојување во Собранието.
Поради вмешаност во значителна корупција, САД во текот на изминативе две години ги ставија на „црната листа“ поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков, поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев, актуелниот градоначалникот на Струга Рамиз Мерко, бизнисменот Јордан Орце Камчев и неговата мајка Ратка Куновска-Камчева, како и Сергеј Самсоненко и неговата сопруга Ирина. На листата на санкции се најдоа и пет фирми поврзани со Јордан Камчев.
Амбасадорката на САД во земјава, Анџела Агелер, во интервју за ТВ 24 не ја исклучи можноста до крајот на изборниот процес да има нови имиња од државата на американската „црна листа“.
Таа потенцира дека се разгледуваат голем број имиња и дека се прават проценки.
„Не знам дали ќе има нови имиња пред 9 мај. Но, постојат шанси да има. Можам да кажам дека голем број имиња се разгледуваат и дека се прават проценки“,
рече Агелер.