Грковска, на средбата го информирала амбасадорот Гир за новата Стратегија за транспарентност на Владата, која е подготвена во соработка со граѓанскиот сектор, како и за измените на Законот за рестриктивни мерки и финализацијата на Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка

Актуелните прашања поврзани со реформските процеси, кои се клучни за пристапување кон ЕУ и се основа на севкупниот развој на општеството биле темите за кои денеска на средба разговарале вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска и шефот на мисијата на Европската Унија во земјава, Дејвид Гир.
На средбата, како што информираа од владината прес-служба, Грковска и Гир разговарале и за активностите кои ги спроведува кабинетот што таа го предводи.
Грковска, се наведува во соопштението од владината прес-служба, на средбата го информирала амбасадорот Гир за новата Стратегија за транспарентност на Владата, која е подготвена во соработка со граѓанскиот сектор, како и за измените на Законот за рестриктивни мерки и финализацијата на Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка.
На средбата, се вели во соопштението, станало збор и за активностите поврзани со дигитализацијата, процес кој го координира вицепремиерката Грковска, за активностите на Националниот совет за дигитална трансформација на општеството, како и за потребата од креирање одржлив систем за координација на донаторската помош.
Во однос на регионалната соработка, Грковска на средбата информирала дека во тек е регистрацијата на Регионална академија за добро владеење со седиште во Скопје, која се формира во соработка и со поддршка на Советот на Европа, како и за досегашните активности на Форумот на жени лидери од ЈИЕ за добро владеење и антикорупција.