Вицепремиерката за политики за добро владеење, која воедно е и претседателка на Националниот совет за дигитална трансформација на општеството, се повикува на проценките на експертите од Естонија кои работат со македонската Влада на дигитализација и е-управување и, според кои, граѓаните во земјава би можеле да имаат електронски лични карти до крајот на 2024 година
Електронска лична карта е основна алатка за дигитализација на услугите во едно општество и во јавниот и во приватниот домен, а се смета дека со нејзино воведување ќе отпаднат многу коруптивни јазли и ќе се намали ризикот од корупција
Северна Македонија се подготвува за воведување електронска лична карта која е основна алатка со која можат да се користат дигитални услуги во едно општество. Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат рече дека е незамисливо да се зборува за дигитална транформација на општеството без воведување ваква алатка.

„Во недостаток на електронска лична карта ги користиме можностите на нашите акаунти во Управата за јавни приходи со чија помош имаме пристап до електронските услуги што досега Владата и министерствата ги имаат направено дигитално, меѓутоа со оглед на тоа што недостига тој дел од Законот за архивско работење, наместо да ги направиме транспарентни и поефикасни институциите, ги успоруваме уште повеќе“,
вели Грковска.
Тим од Естонскиот центар за меѓународен развој ѝ помага на Владата во дигитализацијата соработувајќи со Националниот совет за дигитална трансформација на општеството, чија претседателка е токму Грковска. Таа смета дека реални се проекциите на естонските експерти дека граѓаните би можеле да имаат електронска лична карта за околу две и пол години отсега.

„Ова воопшто не е долг период имајќи предвид дека ние веќе почнавме со подготовките. Најголем дел во целиот овој процес претставува правната подготовка, не само за електронска лична карта, туку и за дигитална трансформација на општеството. Многу ми е криво што сме ги пропуштиле сите овие години да го направиме првиот чекор“,
вели Грковска.
Се смета дека со воведувањето електронска лична карта, што ќе повлече дигитализација на многу други услуги, ќе отпаднат многу коруптивни јазли и ќе се намали ризикот од корупција. Но, ова го наметнува прашањето дали процесот има противници и кочничари.
„Никој нема отворено да ви каже дека е против, сите ќе ви кажат дека тоа е одлична идеја, меѓутоа успорувањето на процесот од оние што треба да го имплементираат е знак дека немаат голема желба побрзо да се оди напред. Тоа нас не треба да не обесхрабрува, напротив“,
рече Грковска.