Белери е припадник на грчкото малцинство во Албанија каде што беше кандидат за градоначалник на Химар. Два дена пред изборите беше уапсен под обвинение за купување гласови, а на крајот победи на изборите со разлика од 19 гласа. Но, албанските власти не му дозволија да го напушти притворот за да положи заклетва
Кандидатот од редовите на грчката Нова демократија Фреди Белери, според досегашните резултати и благодарение на повластените гласови, доби место во Европскиот парламент. И немаше да има ништо спорно доколку Белери моментално не беше во албански затвор, каде што издржува двегодишна затворска казна за корупција. Грчкиот портал „Екатимерини“ пишува дека добил 236 271 повластен глас.
Белери е припадник на грчкото малцинство во Албанија каде што беше кандидат за градоначалник на Химар. Два дена пред изборите беше уапсен под обвинение за купување гласови, а на крајот победи на изборите со разлика од 19 гласа. Но, албанските власти не му дозволија да го напушти притворот за да положи заклетва.
Мицотакис го стави на списокот
Тој и претходно беше осомничен за кривични дела во Грција и Албанија. Грчката влада смета дека неговиот случај е кршење на правата на малцинствата во Албанија, поради што ги блокираше пристапните преговори со Европската Унија. Меѓутоа, Албанија тврди дека овој случај е „прашање што треба да го реши судот“ и посочува дека ЕУ инсистира на независност на судството и борба против корупцијата.
Грчкиот премиер Мицотакис под притисок на дел од јавноста го стави Белери на листата за европските избори. Но, се поставува прашањето дали Нова демократија ќе инсистира Белери да биде пратеник во Европскиот парламент и дали Албанија ќе се согласи со негово ослободување од затвор.
„Светлината секогаш ја победува темнината“
„Еуроњуз Албанија“ пишува дека Белери зборувал од затвор.
„Во текот на сите месеци на мојата авантура ме зајакнуваше моето верување дека светлината секогаш ја победува темнината. Сакам од се срце да им се заблагодарам на сите Грци кои ме почестија со својот глас, на моето семејство кое ме поддржува. Им благодарам и на моите пријатели од цела Грција кои беа со мене додека поминував низ најтешкиот тест во мојот живот. И. се разбира, премиерот Киријакос Мицотакис кој ми даде можност да бидам кандидат, за што секогаш ќе бидам благодарен“,
рекол Белери.