Реакцијата на грчкото МНР доаѓа по вчерашната средба на претседателката на С Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, со делегација на од Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од егејскиот дел на Македонија „Македон“
За средбата реагираше и грчката опозициска партија Сириза, која во писмено соопштение ги осуди „иредентистичките ставови“ и ја повика актуелната влада на Грција да го интернационализира прашањето
По грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, денеска и Министерството за внатрешни работи преку писмено соопштени го обвини раководството на Северна Македонија дека го прекршува Договорот од Преспа.

Во соопштението на грчкото МНР, објавено на официјалната веб-страница, се вели дека земјава се враќа на дејствија кои алудираат на иредентистичко расположение.
Прашањето, се додава, шефот на грчката дипломатија веќе го покренал на меѓународно ниво и оти ќе продолжи да го прави тоа, а за раководството на земјава од грчкото МНР велат дека сè повеќе се оддалечува од добрососедските односи кои се сржта на европското законодавство.
„Раководството на Северна Македонија продолжува да го прекршува Договорот од Преспа. Дополнително, се навраќа на дејствија од минатото кои алудираат на иредентистичко расположение и целосно непознавање на историјата. Грчкиот министер за надворешни работи веќе детално ги предочи релевантните прекршувања на своите колеги во Советот за надворешни работи и ќе продолжи да го прави тоа. Дополнително, ова прашање е покренато на меѓународно ниво од страна на грчката влада. Раководството на Северна Македонија секојдневно сè повеќе се оддалечува од добрососедските односи кои се сржта на европското законодавство и меѓународното право“,
се наведува во соопштението на грчкото МНР.
Инаку, реакцијата на грчкото МНР доаѓа по вчерашната средба на претседателката на С Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, со делегација од Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од егејскиот дел на Македонија „Македон“.
„На средбата, која се одржува во пресрет на традиционалното одбележување на 75-годишнината од крајот на Граѓанската војна во Грција и 76-годишнината од насилното прогонство на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, делегацијата од ‘Македон’ информира за подготовките на настанот, како и за одржувањето на годишното Собрание на кое се очекува да се донесат одлуки за прием на здруженија во Сојузот, за избор на членови на Претседателството на Сојузот и годишна програма за работа“,
се наведува во соопштението од кабинетот на Сиљановска-Давкова.
Таа на средбата ја изразила поддршката за работата и активностите на Сојузот и нагласила дека судбината и трагедијата на 30 000 деца бегалци и нивната голгота не смее да се сокрива и релативизира.
„Претседателката упати порака дека почитувањето и знаењето на минатото дава голем простор за пријателска иднина кон која се стремиме за доброто на сите на Балканот и во Европа. Соговорниците на средбата изразија очекување дека одбележувањето на двата трагични настани, кое ќе се одржи на 30 јуни 2024 година, недела, пред споменикот на децата бегалци во паркот ‘Жена-борец’ во Скопје, ќе помине достојно бидејќи со почитување на судбината и трагедијата на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија, ја почитуваме и трагедијата на недолжните деца ширум светот – жртви на војните“,
се вели во соопштението.

За средбата на претседателката на државата со Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од егејскиот дел на Македонија „Македон“, доцна синоќа реагираше грчката опозициска партија Сириза, од која, како што пренесе дописничката на МИА од Атина, ги осудуваат „иредентистичките ставови“ и ја повикаа актуелната влада на Грција да го интернационализира прашањето.
„Сириза недвосмислено ги осудува иредентистичките ставови на претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска, за наводна ‘Егејска Македонија’, со кои грубо се крши членот 4 од Договорот од Преспа. Ја повикуваме владата на Мицотакис конечно да се разбуди од дипломатската летаргија во која западна и веднаш да го интернационализира прашањето, со цел Владата на Северна Македонија да се најде соочена со своите одговорности, кои се однесуваат и на нејзиниот пристапен процес во ЕУ и на воведувањето санкции за оние што го прекршуваат Договорот од Преспа според законодавството на САД од 2021 година“, с
соопштија од Сириза.
Претходно, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во изјава за медиумите по вчерашниот состанок на Европскиот совет изјави дека ги информирал своите колеги дека претседателката и премиерот на Северна Македонија го прекршуваат Договорот од Преспа. Ставот на Атина за кој Мицотакис ги информирал колегите во Брисел се однесува на некористењето на уставното име внатре во државата.
„Бидејќи (на состанокот) имаше дел со прашања за проширувањето (на ЕУ), презедов иницијатива и ги информирав моите колеги во Европскиот совет за случувањата во Северна Македонија, за фактот што и претседателката и премиерот всушност директно го прекршуваат Договорот од Преспа, игнорирајќи го во пракса ерга омнес и избирајќи да користат друго име од уставно дефинираното име на државата за внатрешна употреба“,
изјави Мицотакис.
Ова, дополнително посочи грчкиот премиер, е во целосна спротивност на духот на Договорот од Преспа и затоа, како што додаде, ги информирал своите колеги за „овој непријатен развој“ и ставил до знаење дека доколку земјава продолжи во таа насока, тоа може да има последици врз интегративниот процес во ЕУ.
Реакциите од грчка страна се интензивираа по инаугурацијата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, како и по изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој рече дека негово човеково право е својата држава да ја нарекува како што сака, и покрај тоа што, како што рече, употребата на уставното име во комуникацијата во и меѓу институциите останува согласно законските одредби.