Портпаролот на грчката влада тврди дека ратификацијата на договорите што произлегуваат од Преспанскиот договор не е доведена во прашање
Кога Грција во односите со Турција се повикува на меѓународното право, не може да не го зема предвид меѓународниот Договор со Северна Македонија.
Вака одговори портпаролот на грчката владата Стелиос Пецас на новинарско прашање дали во грчкиот парламент има проблем со ратификација на договорите со Северна Македонија што произлегуваат од Преспанскиот договор.
Пецас повтори дека Нова демократија како опозиција направила сѐ за да го спречи Договорот од Преспа, но сега кога Грција во односите со Турција се повикува на меѓународното право, не може да не го земе предвид меѓународниот договор со Северна Македонија.
„И за време на ратификацијата предупредивме дека ако еден меѓународен договор се ратификува, не може да се смени. Денес сите сфаќаат дека кога ние како темел го имаме меѓународното право за да се соочиме со турската провокација, не можеме да не го земаме предвид во врска со Северна Македонија. Според тоа, договорите одат напред, не постои никакво такво прашање“,
изјави денеска Пецас на прашањето на МИА.
Дел од медиумите во Грција, особено оние што се блиски до СИРИЗА, објавија дека со оглед на тоа што Нова демократија како опозиција беше против Договорот од Преспа, постои незадоволство кај дел пратениците од владејачката партија и не може да се најде известувач кој би ги презентирал договорите, прво на надлежната Комисија за национална безбедност и надворешни прашања, а потоа и на седница во Парламентот.
Во грчкиот парламент веќе се доставени предлог-законите за Меморандумот за забрзување на процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ, за Меморандумот за формирање координативен комитет за економска соработка и за Техничката спогодба за надгледување на ФИР Скопје, кои беа потпишани за време на првата меѓувладина седница одржана во април 2019 година во Скопје и еден од Министерството за одбрана, потпишан пет месеци подоцна, а сега треба да бидат ратификувани од пратениците, откако прво ќе добијат зелено светло од надлежната комисија.
Поврзана вест:
Од опозиционер-националист до премиер-реалист: Мицотакис за Договорот од Преспа