Според проценките на ЕАСО, лицата од Западен Балкан имаат најмалку шанси да добијат каква било меѓународна заштита или статус на азилант
Европската агенција за азил ЕАСО, во својот извештај за 2019 година, констатира дека е зголемен бројот на барања за азил во ЕУ, главно, од земји со кои ЕУ го укинала визниот режим.

Во текот на 2019 се поднесени над 714 илјади барања за азил во ЕУ, што е зголемување за 13 отсто во споредба со претходната година, така што за првпат имало повеќе барања отколку за време на бегалската криза во 2015 година. Според ЕАСО, зголемувањето не е резултат на нередовната миграција, туку на апликации од земји кои имаат слободен визен режим со шенген-зоната.
Растот е резултат на големиот број апликанти на кои не им е потребна виза за влез во шенген-зоната, што објаснува зошто барањата за меѓународна заштита се зголемени, а детектираните нелегални влезови на надворешните граници се намалени.

Меѓу нив се наоѓаат лица од Венецуела, Колумбија, Хондурас и Ел Салвадор, но и од Западниот Балкан. Меѓутоа, лицата од Западен Балкан имаат најмалку шанси да добијат каква било меѓународна заштита или статус на азилант.
Стапката на признавање на азилантски статус во ЕУ е 33 отсто. Азил најчесто добиваат Сиријците со 85 отсто, Јеменците со 82 отсто и Еритрејците со 81 отсто, додека најниска стапка на одобрување на азил имаат граѓаните на Македонија и Молдавците, со еден отсто и Албанците со шест отсто. Слаба е стапка на признавање и за лицата од Венецуела и Колумбија, меѓу пет и седум отсто.
Македонците се исто така меѓу лицата кои најмногу повторно аплицираат откако ќе бидат одбиени: една третина од нив го прави тоа и покрај фактот што имаат најмалку шанси да добијат азил.