Ибраими вели дека ја затекнал општината со многу неправилности и злоупотреби од претходното раководство и очекува одговорност за тоа. Според него, граѓаните не се виновни што во општината никој не плаќа данок на имот, бидејќи самата локалната власт не им го овозможила тоа. Тој рече дека овој процес е веќе започнат и досега се регистрирани 2 091 куќа, од кои 15 отсто веќе доброволно платиле. Се очекува да бидат запишани уште 450 куќи

Државниот ревизорски извештај за Општина Арачиново се однесува на минатото раководство, а не за сегашното, тврди градоначалникот на Општината, Ридван Ибраими и додава дека ревизијата била направена на негово барање.
„Конечниот извештај кој ми е доставен и на поранешното раководство на општината, дури лицата кои извршиле ревизија ми рекоа дека е навистина вознемирувачки и секако дека ќе имаме голем притисок од медиумите и граѓаните. Но, треба да се објасни дека не е од сегашното раководство туку од минатото раководство. Прекршоците се, сметам, според тврдењата на државна ревизија, тешки и тоа е дополнителна можност или мотив за мене како раководител за во иднина да не поминат толку лесно злоупотребите. И се заблагодарувам на државна ревизија бидејќи на почетокот на мандатот кога направија ревизија за општинските служби, за тоа ја информираа и Владата и надлежните институции“,
вели Ибраими.
Ибраими вели дека ја затекнал општината со многу неправилности и злоупотреби од претходното раководство и очекува одговорност за тоа. Според него, граѓаните не се виновни што во општината никој не плаќа данок на имот, бидејќи самата локалната власт не им го овозможила тоа. Тој рече дека овој процес е веќе започнат и досега се регистрирани 2 091 куќа, од кои 15 отсто веќе доброволно платиле. Се очекува да бидат запишани уште 450 куќи.
Ибраими признава дека општината нема податоци колку дивоградби и недвижен имот има во Арачиново.
Ревизорскиот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за 2021 година покажува дека Општина Арачиново не води регистар на недвижен имот, не издава решенија за задолжување за данок на имот на физички и правни лица, не остварува приходи по основ на комунална такса на фирма, комунална такса за користење музика во јавните локали, комунална такса за истакнување реклами, објави и огласи на јавни места и приходи од надоместок за уредување на градежно земјиште.
Од ДЗР информираа дека извршиле ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Општина Арачиново, на сметката на основен буџет (630), за 2021 година.
Ревизијата опфатила спроведување на препораките презентирани во Конечниот извештај на овластениот државен ревизор за извршената ревизија на финансиските извештаи и ревизија на усогласеност за 2017 година на Општина Арачиново и било утврдено дека од дадените шест препораки, пет не се спроведени, а една е во тек на спроведување.