Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ попладнево соопшти дека ја активира мерката – бесплатен јавен превоз како дел од мерките поради високата загаденост на воздухот во главниот град
Град Скопје во изминатите денови извршил над 20 вонредни инспекциски контроли при што кај два субјекти било утврдено дека ги надминуваат дозволените емисии за што им е изречена казна од по 12 000 евра.
„Во изминатите денови извршени се над 20 вонредни инспекциски контроли на градилишта, Б инсталации и инсталации елаборати кои се во надлежност на град Скопје, кај кои во две е утврдено надминување во дозволените емисии и изречена глоба по 12 000 евра кај секој од субјектите. Контролирани се Топлана Север и топланата на Клинички центар, утврдено е дека работат на гас, не се утврдени надминувања во мерењата на емисии. Се продолжува со мерења од стационарни места оџаци кај правни субјекти кои се во градска надлежност“,
информираат од Градот.
На повеќе локации се поставуваат апарати за мерење на ПМ10 честици за мониторинг од 24 часа, со цел утврдување на изворите на загадување, додаваат оттаму.
Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ попладнево соопшти дека ја активира мерката – бесплатен јавен превоз како дел од мерките поради високата загаденост на воздухот во главниот град.
Оттаму велат дека мерката започнува да се применува од денеска па сè до завршување на алармантната состојба, што ќе биде објавено од надлежното Министерство согласно резултатите од државниот мониторинг систем за квалитет на амбиентален воздух.
Изминатите неколку дена главниот град на земјава се соочува со зголемено ниво на загаденост на амбиенталниот воздух.