Оттаму додаваат оти Градот и ЈСП немаат никаков долг кон приватните превозници
Преку писмено соопштение, попладнево од Град Скопје велат оти јавниот превоз во главниот град функционира нормално. И автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ и на приватните превозници, како што додаваат од Градот, во моментов го опслужуваат јавниот градски превоз.
„Јавниот градски превоз утринава функционира нормално, наспроти напорите и политичките притисоци на ВМРО-ДПМНЕ да предизвикаат нови тешкотии за граѓаните на градот Скопје. За жал, дел од медиумите наседнаа на наративот на владејачката партија предизвикувајќи чувство на несигурност кај скопјани“,
пишуваат од Град Скопје во писменото соопштение.
Оттаму додаваат оти Градот и ЈСП немаат никакви заостанати обврски кон приватните превозници.
Дел од приватните превозници од денеска најавија дека ќе возат редуцирано, односно дека еден автобус ќе вози само една тура, на една линија. Причина, како што наведуваат, е неисплатениот долг што ЈСП „Скопје“ го има кон нив и поради непроменетата сума што ја добиваат за изминат километар. Нивна средба за денеска е најавена со директорот на ЈСП „Скопје“, Драги Кушовски, и со секретарот на Град Скопје.
Скопската градоначалничка Данела Арсовска и Владата викендов и натаму продолжија со преписките и докажувањата за тоа кој повеќе се грижи за скопјани и кој е поодговорен за тоа што тие се соочуваат со нефункционалност на јавниот градски превоз.