Подната фонтана на плоштадот „Македонија“ беше изградена како дел од проектот „Скопје 2014“, а беше пуштена во употреба во 2015 година. Низ годините повеќепати беше оштетувана откако во неа пропаѓаа камиони и други тешки возила
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави дека се санира подната фонтана на плоштадот „Македонија“, која повеќе години не e во функција. Во моментов, како што информира Ѓорѓиевски во објава на Фејсбук, се изведуваат градежните активности, а за неколку дена фонтаната повторно ќе работи.

„Фонтаната која некогаш мамеше погледи од скопјани, гости и туристи, фонтаната која беше едно од најпрепознатливите лица на центарот на градот, по повеќе од една деценија заборав, негрижа и пропаѓање, конечно се враќа во функција. Ова повеќе нема да биде простор по кој ќе минуваат автомобили и тешки товарни возила. Ова повторно ќе биде место за прошетка, за фотографија, за убавина, за гордост“,
пишува Ѓорѓиевски на Фејсбук.
Градоначалникот додава дека во изминатиот период се вратени во функција и фонтаните „Лотосов цвет“, „Воин на коњ“, „Филип II Македонски“, „Олимпија“, „Паднати борци“ и фонтаната на плоштадот ВМРО.
Инаку, подната фонтана на плоштадот „Македонија“ во центарот на главниот град беше изградена како дел од проектот „Скопје 2014“, а беше пуштена во употреба во 2015 година, за време на мандатот на Коце Трајановски. Низ годините фонтаната повеќепати беше оштетувана откако во неа пропаѓаа камиони и други тешки возила.
