Од Град Скопје ги повикуваат надлежните институции да постапат во најкус можен рок, бидејќи, како што нагласуваат, се доведува во прашање безбедноста на децата и на сите останати посетители поради „практицирањето на ваквото самоволие“
Фирма од Чаир регистрирана пред еден месец, без дозволаи без потребна документација која гарантира безбедност, монтирала панорамско тркало и други реквизити во Карпош, информираат од Град Скопје. Оттаму посочуваат дека, и покрај преземените мерки и казната, фирмата продолжила да работи.
„Правното лице Дизниленд Реквизити, фирма од Чаир регистрирана пред само еден месец, без соодветни документи и дозволи, без потребна документација која гарантира безбедност, монтира панорамско тркало и останати реквизити во Карпош пред ‘Борис Трајковски’. Град Скопје, во рамки на своите надлежности изврши надзор, превзема мерки и го казни правното лице, но тој сепак насилно продожува да работи“,
велат од Градот.
Од Град Скопје ги повикуваат надлежните институции да постапат во најкус можен рок, бидејќи, како што нагласуваат, се доведува во прашање безбедноста на децата и на сите останати посетители поради „практицирањето на ваквото самоволие“.
Сопственикот на „Дизниленд реквизити“ во изјава за Канал 5 рекол дека тој се обратил до Град Скопје и општина Карпош, но оттаму писмено му одговориле дека не се надлежни за дозвола. Од „Дизниленд реквизити“ посочиле дека ги имаат сите потребни гаранции и потребни тестови за поставување на опремата и исто така правен договор со приватното лице на земјиштето дека овој простор ќе го користат еден месец.
Инаку ваков забавен парк на истото место и со истите реквизити беше поставен и во 2019 година. Тогаш закупник на просторот беше фирмата „Луна 10 Битола“, регистрирана за вршење дејност забавни и тематски паркови. Тогашното раководство на Град Скопје инфформираше дека реквизитите биле поставени на приватен имот и дека Градот нема никаква поврзаност и допирна точка со забавниот парк.
И од Општина Карпош тогаш објаснија дека тие немаат никаква надлежност да издавање дозвола и наплата на такса за поставување на забавниот парк оти бил на приватен имот.