Според градските власти, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски со денешната реакција дополнително го потврдил сомнежот дека зад ДУП-от во општина Ѓорче Петров се кријат коруптивни и криминални интереси

Во Македонија ниту владее ниту, пак, има изгледи правото да завладее во догледна иднина, велат од Град Скопје како одговор на реакцијата на Министерството за транспорт и врски.
Според градските власти, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски со денешната реакција дополнително го потврдил сомнежот дека зад ДУП-от во општина Ѓорче Петров се кријат коруптивни и криминални интереси.
„Иако се повикува на закон, Бочварски како министер за транспорт и врски би требало да знае дека за да стави параф на согласност на ДУП во Градот Скопје мора, односно е неопходно да добие и согласност на конечен предлог-ДУП од страна на град Скопје“,
се вели во реакцијата од Град Скопје испратена вечерва.
Дополнително, додаваат оттаму, Бочварски треба да одговори зошто при барање за одобрување на ДУП-ови од страна на други општини во Град Скопје, Министерството ги препраќа да достават два, три или повеќе пати согласност од градот Скопје и не им издал одобрение, но истото не го направил и за овој ДУП од Ѓорче Петров?
„Бочварски треба да одговори и зошто не постапил согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање, кој во член 36 став 1 децидно вели дека согласност од Град Скопје е неопходно да биде обезбедена пред Министерството да ја даде својата согласност? Бочварски, исто така, треба да одговори зошто се повикува на непостоечка одредба за наводни рокови, во обид да ги оправда своите постапки и лажно да ги претстави како исправни, а зошто во случаи со ДУП-ови од други општини каде што неговите диригенти Заев и Мицкоски немаат интерес, не постапил на истиот начин“,
се додава во реакцијата од Град Скопје, од каде што велат дека одговорност мора да има и оти нема да дозволат ваков нелегален план да стане реалност.
Откако денеска градоначалничката Данела Арсовска на прес-конференција рече дека Советот на Општина Ѓорче Петров, без согласност од Град Скопје, викендов на седница изгласал измени на Деталниот урбанистички план (ДУП) со кој дозволените градби на улицата „Ацо Шопов“ се драстично зголемени од пет ката плус поткровје, на 20 ката плус поткровје, попладнево со реакција излегоа од Министерството за транспорт и врски.
Оттаму рекоа дека се „паушални и лажни“ обвинувањата на скопската градоначалничка и додаваат дека, според увидот што го направиле во системот на е-урбанизам, јасно се гледа дека Град Скопје дури 72 дена не одговара на бараното мислење во однос на предметниот ДУП.
