Во изминатите десет години, тој вели дека не е обезбедена толкава бројка на контејнери колку што обезбедуваме сега
Посочи дека во одредени делови од градот недостига основна опрема за собирање отпад, наведувајќи дека само во Општина Чаир недостасуваат околу 180 контејнери, што, според него, придонесува за појава на диви депонии
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави дека во наредниот период низ градот ќе бидат поставени 2 600 нови контејнери, оценувајќи дека подобрувањето на комуналните услуги и воспоставувањето функционален систем се меѓу клучните приоритети на неговиот мандат.

Во гостување на ТВ Телма, Ѓорѓиевски истакна дека Скопје со години се соочува со сериозни инфраструктурни и организациски проблеми, поради што е неопходно создавање систем што ќе обезбеди редовно и ефикасно функционирање на градските служби.
Уште пред да ја преземе функцијата, рече дека бил запознаен со предизвиците со кои се соочува главниот град, вклучително и финансиската состојба, загубите во водоводната мрежа и недостигот од соодветна инфраструктура.
„Бев апсолутно свесен во што влегувам уште пред да станам градоначалник на Скопје. Знаев какви се состојбите во сите населени места, но и каква е финансиската состојба и колкави се загубите на вода затоа што немаме точен подземен катастар“,
рече тој.
Според него, долгорочната цел е да се воспостави систем што нема да зависи од политичките околности и ќе гарантира непречено обезбедување на јавните услуги.
Како една од клучните мерки за подобрување на јавната хигиена, градоначалникот го посочи проектот за набавка и поставување на 2 600 нови контејнери.
„Во изминатите десет години не е обезбедена толкава бројка на контејнери колку што обезбедуваме сега“,
кажа скопскиот градоначалник.
Ѓорѓиевски посочи дека во одредени делови од градот недостига основна опрема за собирање отпад, наведувајќи дека само во Општина Чаир недостасуваат околу 180 контејнери, што, според него, придонесува за појава на диви депонии.
Тој оцени дека состојбата со одржувањето на јавните површини, зеленилото и комуналната хигиена е подобрена во однос на претходниот период и најави продолжување на инвестициите во механизација и опрема за градските комунални служби.
