Со соработката, велат од Град Скопје, се предвидува поголема видливост на културно-историските локалитети, подобрување на условите за посетителите и развој на нови културни содржини, со што се очекува Скопје да добие слика на современ, отворен и автентичен европски културен центар
Градот Скопје и Министерството за култура и туризам денеска потпишаа меморандум за соработка. Целта на документот, на кој своите потписи ги ставија градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, и ресорниот министер Зоран Љутков е формализирање на заедничкиот ангажман за унапредување на културата, туризмот и културно-туристичката понуда на главниот град.

Од Град Скопје велат дека меморандумот е важен чекор и во однос на подготовките за „Скопје 2028 – европска престолнина на културата“.
„Меморандумот, потпишан од градоначалникот на Град Скопје и министерот за култура и туризам Зоран Љутков, претставува важен чекор во подготовките за „Скопје 2028 – Европска престолнина на културата“ и има за цел посилна институционална координација во развојот и промоцијата на културните и туристичките потенцијали на градот“,
се вели во соопштението од Град Скопје.
Со соработката, се додава во него, се предвидува поголема видливост на културно-историските локалитети, подобрување на условите за посетителите и развој на нови културни содржини, со што се очекува Скопје да добие слика на современ, отворен и автентичен европски културен центар.
За потпишување на меморандумот преку објава на Фејсбук информира и градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кој вели дека унапредувањето на културата и туризмот во градот е приориотет за неговата администрација.
„Овој документ е важен чекор кон посилно позиционирање на Скопје како отворен, гостопримлив, културно жив и автентичен европски град“,
вели градоначалникот.
Во однос на подготовките за „Скопје 2028 – Европска престолнина на културата“, Ѓорѓиевски најавува процес на, како што вели, вистинска трансформација на градот, преку зачувување на традицијата, афирмирање на културното наследство, но и оживување на урбаната меморија, и создавање нови содржини кои ќе бидат препознатливи и за домашните и за странските посетители.
„Скопје има огромен потенцијал. И како град на културата, и како град на туризмот, и како град на средби, приказни, традиција и современа енергија. Продолжуваме посветено да го градиме Скопје како културен центар на Македонија и достоинствена Европска престолнина на културата во 2028 година“,
вели Ѓорѓиевски во објавата на Фејсбук.
