Арсовска на парламентарните избори имаше резултат кој е помал од избор за советник во една скопска општина и логично беше да следува оставка, но очигледно таа не знае да го прифати моментот оти граѓаните ѝ рекоа дека е доста, вели градоначалникот на Кисела Вода
Доблесно би било да после одржувањето на парламентарните избори, на кои се виде евидентното размислување на граѓаните преточено во резултатот на Арсовска, кој е помал од избор за еден советник во некоја скопска општина, актуелната градоначалничка на Град Скопје да си поднесе оставка, но очигледно таа не знае што е тоа самокритика и не го прифаќа моментот дека на граѓаните им е доволно од нејзиното владеење, одговори градоначалникот на Општина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, на новинарско прашање во однос на тоа дали може да се преземе нешто за мандатот на скопската градоначалничка да ѝ биде одземен пред локалните избори следната година.
Ѓорѓиевски вели дека, за жал, таква опција моментално нема и дека незадоволните скопјани се принудени да ги чекаат локалните избори за евентуална смена на градоначалничката, кои ќе се одржат за околу една година отсега.
„Да бев на нејзино место и во таква ситуација, утредента немаше да размислувам за ништо друго освен оставка и заблагодарувањето на граѓаните за тоа што ми дале ете шанса некогаш да бидам градоначалник, особено на главен град што е чест и привилегија која ретко кој ја има во историјата на Македонија, но пак ќе кажам за жал гледаме дека нема самокритика кај Арсовска и ќе треба да ги чекаме локалните избори“,
изјави Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски ова го изјави по завршувањето на координативниот состанок на градоначалниците на општините во градот Скопје кој се одржа претпладнево во просториите на Општина Кисела Вода. На состанокот, меѓу другото, била донесена одлука да се достави предлог до Владата и до Министерството за животна средина да се одземат ингеренциите на Град Скопје за јавните претпријатија за комунална хигиена и паркови и зеленило поради хаотичната ситуација со хигиената во која се наоѓа градот и нефункционалноста на претпријатијата.