Очигледно е дека отворањето на тие клубови, посебно на бугарските клубови во Македонија, имаат друга цел, односно да ги нарушат уште повеќе односите меѓу Македонците и Бугарите и очигледно станува збор за некоја смислена политика, која можеби се води во некои други центри надвор и од двете држави, вели копретседавачот од македонска страна на историско-образовната комисија
Неговиот бугарски колега Ангел Димитров вели дека забраните за формирање клубови со спорни имиња влијаат врз работата на Комисијата бидејќи се вели дека единствено легитимно, од аспект на Скопје, е македонското толкување на минатото
Копретседавачот на Заедничката македонско-бугарска мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, Драги Ѓоргиев, смета дека нема ништо спорно во отворањето на културни клубови и друшта доколку преку нив се пласираат културата и идеи за соработка меѓу двата народи.
Меѓутоа, вели тој во интервју за Радио Слободна Европа, овие клубови стануваат јаболко на раздорот кога за нив се користат имиња на личности кои немаат ниту допирна точка со културата.
„Несомнено е дека отворањето на тие клубови во Македонија со тие имиња имаат поинаква позадина, имаат друга цел и сето тоа веќе е толку јасно и на јавноста и во Македонија, па и во Бугарија, така што јас верувам, мислам дека ќе се прекине со таквата пракса и доколку двете држави сакаат тие клубови да придонесат за релаксирање на односите меѓу двете држави, тогаш треба политичките елити на двете држави да седнат и да размислат добро на кој начин ќе се менаџираат тие клубови. Затоа што очигледно е дека отворањето на тие клубови, посебно на бугарските клубови во Македонија, имаат друга цел, односно да ги нарушат уште повеќе односите меѓу Македонците и Бугарите и очигледно станува збор за некоја смислена политика, која можеби се води во некои други центри надвор и од двете држави“,
вели Ѓоргиев за РСЕ.
Ѓорѓиев вели дека атмосферата што се создава со отворањето на клубовите, особено тие во С Македонија, се пресликува и во Комисијата, но не влијае премногу на нејзината работа.
За македонскиот клуб кој се отвори во Благоевград и кој го носи името на поетот Никола Вапцаров, Ѓоргиев вели дека не би требало да постои никаква задршка во бугарското општество.
„Јас морам да кажам дека постои историска разлика меѓу тие клубови кои се отворени овде и македонскиот клуб што е отворен во Благоевград, затоа што за назив на тој клуб таму е избрана личност која не е контроверзна, која е прифатена и во бугарското општество, кој важи за бугарски поет, кој пишувал на бугарски јазик и од тој аспект, апсолутно, нема никаква задршка, не би требало да постои во бугарското општество за називот на тој клуб, како што постои револтираност во македонската јавност за називите на бугарските клубови“,
вели Ѓоргиев.
За формирањето на нов клуб со името на Цар Фердинанд, копретседавачот на историско-образовната комисија вели дека би предизвикало негативни чувство бидејќи токму во неговото владение, во Балканските војни и во Првата светска војна, територијата Македонија загубила најмногу.
Од друга страна, неговиот бугарски колега Ангел Димитров, во интервју за Бугарското национално радио вели дека забраните за формирање клубови со спорни имиња влијаат врз работата на Комисијата бидејќи се вели дека единствено легитимно, од аспект на Скопје, е македонското толкување на минатото.
Димитров рече дека политичарите во Скопје успеале односите меѓу С Македонија и Бугарија да ги вратат повеќе од 20 години назад.
Во однос на Ванчо Михајлов, име кое беше искористено за отворање на бугарски културен клуб во Битола, Димитров вели дека тој не бил фашист, туку дека може да биде критикуван за голем број негови дејствија во ВМРО.
„Тоа е друга страна од неговиот живот и неговата дејност. Но, Иван Михајлов првенствено е поканет од властите во бацистичка Германија со предлог да формира власт, во септември 1944 година, кој предлог тој категорично го отфрла“, вели Димитров.
Во однос на Цар Фердинанд, копретседавачот на Комисијата вели дека во времето на Првата светска војна, целото население од Вардарска Македонија било србизирано, но оти тоа денеска не се памети во С Македонија.