Сопственикот на фирмата „Универзал Балкан“, Лазар Арсовски, додава дека во моментот на избувнување на пожарот во салата немало работници зашто денеска не биле предвидени конкретни интервенции во објектот. Но, како што рече, на местото биле присутни еден инженер, двајца работници и чувари кои пробале во првиот момент со противпожарни апарати да го изгаснат огнот што избувнал
Во пожарот што денеска избувна во Универзалната сала во Скопје зафатена беше старата конструкција, вели Лазар Арсовски, сопственик на фирмата „Универзал Балкан“, која работи на реконструкцијата на салата.

„Имаме среќа што целата инфраструктура внатре – од столчиња, сценски технологии е извадена надвор и практично сега гореше сега старата конструкција на старите иверки, ѕидови, плочки итн. Тоа што сега го гледаме е стариот дел на Универзалната сала“,,
вели Арсовски во изјавата за МИА.
Додава дека во моментот на избувнување на пожарот во салата немало работници зашто денеска не биле предвидени конкретни интервенции во објектот. Но, како што рече, на местото биле присутни еден инженер, двајца работници и чувари кои пробале противпожарни апарати да го изгаснат огнот што избувнал.
„Моите мајстори пробале со противпожарен апарат да го изгаснат. Тоа се иверки стари со години, суви се и брзо горат. Како што гледате, за половина час самата речиси се изгаси поради тоа што нема што да гори внатре“,
вели сопственикот на фирмата која ја реконструира Универзалната сала.
Прашан за можните причини за пожарот, Арсовски претпоставува дека е можно е да бил предизвикан од стар кабел или од старата електрична инсталација. На прашањето дали се сомнева во човечки фактор за причините за избувнувањето на пожарот, тој вели оти не може да каже со сигурност зашто инженерите не виделе ништо, но не ја исклучува ниту таа можност.
„Можно е, но, сепак, ние салата ја чуваме три години. Имало и претходно ситни проблеми од ваков тип, не во смисла на пожар, туку искра од кабел итн. и сме ги санирале. Не знам, не можам ни да претпоставам (кои се причините н.з.)“,
додава Арсовски.
Изрази надеж дека за новата конструкција ќе нема проблеми и побара слух од инвеститорите, како што рече, „без разлика кои се – политички партии, градоначалници – оваа сала што побрзо да се направи“.