Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) утврдила дека 12 пратеници од претходниот парламентарен состав, по завршувањето на мандатот, не доставиле анкетни листови, а шестмина задоцниле.
За сите пратеници што задоцниле, односно не доставиле анкетни листови, ќе бидат поведени прекршочни постапки.
Како што информираше претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска, по престанок на функцијата пратеник, анкетни листови не доставиле: Неџбедин Таремани, Арта Точи, Зоран Георгиевски, Фадил Зендели, Ферид Мухиќ, Самка Ибраимоски, Илија Николовски, Амди Бајрам, Александар Филиповски, Диме Велковски, Џулумсер Касапи и Татјана Прентовиќ.
Со задоцнување, пак, анкетните листови ги доставиле: Реџеп Мемети, Борис Змејковски, Владимир Ѓорчев, Јохан Тарчуловски, Магдалена Манасковска и Лилјана Поповска.
Според Законот за спречување корупцијата и судир на интереси, избраните и именуваните лица треба да достават анкетни листови за имотната состојба 30 дена од денот на престанување на функцијата. Предвидената глоба, според законот, е од 300 до 500 евра.
