Најдобриот тенисер на светот Новак Ѓоковиќ објави дека тој и неговата сопруга Јелена се позитивни на ковид-19, а нивните деца се негативни.
По враќањето од Задар во Белград, вчера Ѓоковиќ и неговото семејство се тестираа на вирусот, иако претходно тенисерот одбиваше да го стори тоа.
„Сè што направивме во изминатиот месец го правевме со чисто срце и искрени намери. Нашиот турнир беше од хуманитарен карактер, со идеја да им помогнеме на тенисерите од регионот, да им обезбедиме услови да играат, да заработуваат приходи и на тој начин полесно да го надминат овој тежок период. Во исто време, сакавме да испратиме пораки на солидарност и почит, фер игра. Целта, исто така, беше да им помогнеме на добротворни организации и на оние на кои најмногу им е потребна помош, и драго ми е што голем број луѓе се приклучија на иницијативата“,
рече Ѓоковиќ во обраќањето до јавноста по позитивниот резултат на ковид-19.
Тој беше организатор на тенискиот турнир „Адрија тур“, за кој подоцна се покажа дека е ново жариште на коронавирусот.
„Го организиравме турнирот во време кога вирусот ослабуваше, верувајќи дека се исполнети условите за негово одржување. Многу ми е жал за секој поединечен случај на инфекција. Ги следам изјавите на лекарите и се надевам дека нема да се зголеми бројот на заразени лица. Се надевам дека ниту една здравствена состојба нема да биде комплицирана и дека сите ќе бидат добри“,
додаде Ѓоковиќ и најави дека во следните 14 дена ќе биде во самоизолација, а тестот ќе го повтори за пет дена.