Сметаме дека во кривичната постапка се пропуштаат работите утврдени од две специјализирани државни институции. Едната … Агенцијата за патишта и мостови … самата вели дека има многу неправилности на патот. Друга комисија, по налог на тогашниот министер, изготви наоди … од кои се гледа дека има мноштво неправилности на површината на патот. Возачот не знаел каде се наоѓа коловозот, недостигале ознаки, имало лошо поставен асфалт. Ако заштитните огради одговарале на барањата на ЕУ, а требало да одговараат, немало да се заглави и вратата на автобусот. И според нас, треба конкретни луѓе да бидат обвинети и да одат во затвор, вели бугарскиот адвокат ангажиран од неколку семејства на загинати во трагедијата
Една година по трагедијата на автопатот „Струма“, близу Софија, во која во сообраќајна несреќа на автобус на „Беса транс“ загинаа 45 патници, адвокатот од Софија Николај Димитров, кој е правен застапник на пет фамилии на загинати, вели дека истрагата неправдано се одолговлекува.
„Едноставно, никаков интерес таа истрага да заврши брзо. Се изгубија во некаква комуникација и барања за правна помош. Само ветувања, но ние не гледаме напредок“,
вели Димитров во изјава за „360 степени“.

Тој е ангажиран во граѓанска постапка од блиски на загинатите, но порачува дека случајот не може да се затвори само со констатација дека возачот возел со прекумерена и неприлагодена брзина, како што велат од бугарското обвинителство. Според него, не може да се занемарат недостатоците на коловозот и отсуството на сигнализација на патот.
„Сметаме дека во кривичната постапка се пропуштаат работите утврдени од две специјализирани државни институции. Едната институција е Агенцијата за патишта и мостови, таа е под контрола на Агенцијата „Патна инфраструктура“ и самата вели дека има многу неправилности на патот. Друга комисија, по налог на тогашниот министер, изготви наоди што ви ги презентиравме, од кои се гледа има мноштво неправилности на површината на патот. Возачот не знаел каде се наоѓа коловозот, недостигале ознаки, имало лошо поставен асфалт. Ако заштитните огради одговарале на барањата на Европската Унија, а требало да одговараат, немало да се заглави и вратата на автобусот. И според нас, треба конкретни луѓе да бидат обвинети и да одат во затвор. Неисполнување на законските должности од страна на вработените во Агенцијата за патна инфраструктура придонело, како за катастрофата, така и за толку големиот број жртви. Добро е што луѓето се самоорганизираат и се многу сплотени, сите наследните на починатите и сметаме дека тие подобро ја водат истрагата, отколку што тече истрагата во Македонија и во Бугарија“,
тврди Димитров.

Според адвокатот Димитров, компанијата во која е осигуран автобусот е согласна да ги обесштети семејствата на загинатите по бугарските, односно европските лимити, кои одат до 5,2 милиони евра вкупно за сите настрадани. Дополнително, преку граѓанската постапка против тамошната Агенцијата за патна инфраструктура, правниот тим се надева дека ќе издејствува фамилиите да поделат уште 10 милиони евра отштета.
„Истрагата се одолговлекува како од македонската, така и од бугарската страна. Единствениот документ за да почне осигурителната компанија да исплаќа оштета, кој се уште не е подготвен, е полициски извештај што треба да се вметне во полицискиот протокол – за бројот на починатите лица и со тоа да се потврди дека тие биле во автобусот. Затоа ја повикувам македонската истрага да дејствува побрзо за да можат луѓето да добијат отштета, тоа барем малку да ги излечи иако трагедијата е огромна, а ние не гледаме никакво дејствија од страна на македонската истрага да се добие тој документ и да се помогне осигурителната компанија да ја исплати оштетата“,
вели Димитров.
Во несреќата на автобусот на „Беса транс“ на 23 ноември лани, од вкупно 52 патника, 45 загинаа, а седум беа повредени. Обвинителството во Софија, повикувајќи се на експертиза, е на став дека возачот на автобусот возел со прекумерна и неприлагодена брзина и дека причината за сообраќајната незгода е човечка грешка. Оттаму посочуваат и дека бугарскиот главен обвинител побарал проверка на квалитетот на сите бугарски патишта, но дека независно од наодите, тоа не ја менува тезата дека вината е кај возачот.