„Јас се плашам дека ова е последниот прозорец на можности отворен исклучиво поради руската инвазија во Украина која Европа, барем кај големите играчи, воопшто размислува да го затвора процесот. Тие го нарекуваат финалите (finalité) на европското обединување. Мислам дека после ова, дај Боже денеска да заврши војната, ако нема војна таму – верувајте, никој нема да гледа кон Западен Балкан. Ова е итно од геостратешки аспект“, вели во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 поранешниот претседател Стево Пендаровски

Ова е итно од геостратешки аспект. Таква е пораката на поранешниот претседател Стево Пендаровски за актуелната динамика во процесот на проширување на ЕУ.
Во интевју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1, на прашањето дали може да се констатира дека Македонија се разминува со историјата ако Црна Гора во следните две-три години стане членка на Европската Унија, Пендаровски рече дека ова е последниот отворен прозорец за земјава.
Пендаровски: За Агендата 2000, не бевме зрели. Со право не нè зедоа предвид. Меѓутоа, во 2000 година ние влеговме во процесот за стабилизација и асоцијација како први. Пред Хрватска. Кандидатскиот статус, бевме тука некаде со Хрватска, значи тоа е пред 20 и кусур години. Хрватскиот премиер беше пред некој ден тука и рече – ‘ние веќе славевме 12-13 години членство’. Вели – ‘а почнавме практично заеднички’. Јас се плашам дека ова е последниот прозорец на можности отворен исклучиво поради руската инвазија во Украина која Европа, барем кај големите играчи, воопшто размислува да го затвора процесот. Тие го нарекуваат финалите (finalité) на европското обединување. Мислам дека после ова, дај Боже денеска да заврши војната, ако нема војна таму – верувајте, никој нема да гледа кон Западен Балкан. Ова е итно од геостратешки аспект.
360°: А финалето не мора да значи дека ќе заврши со прием на сите земји од Западен Балкан.
Пендаровски: Не, не, јас мислам дека ако го нема тој геостратешки момент со руската инвазија во Украина, ни Црна Гора, ни Албанија, никој немаше да биде во скоро време на менито на Европската Унија. И ако ние сега ја пропуштиме оваа исклучителна шанса, тоа нема да трае сигурно повеќе од година, година и пол максимум. Се плашам дека ќе останеме во групата на Босна и Херцеговина и Косово. Косово не е признаена држава, Босна е за жал нефункционална години наназад.
360°: Има контрааргументи на оваа теза дека, еве, ние ја живееме алтернативата на членството на ЕУ веќе 35 години, па имаме држава.
Пендаровски: Имаме, меѓутоа какви се демократските индикатори за таа држава. Ние ја слушавме таа приказна и во време на владата на Никола Груевски. И дојдовме на 123. место по слобода на медиуми. Значи, јасно е дека по сите демократски индикатори ние бевме надолу. Ние не бевме прогласени во тоа време за режим, што сигурно не е демократска одредница, од тогашната опозиција или од мене или од вас. Европската комисија во извештајот вели – тоа е режим во кој сите битни сегменти се поклопени од една фамилија на власт.

Прашан за предлогот на германскиот канцелар Фридрих Мерц, Пендаровски вели дека тој предлог не е даден од аспект на потребата за заокружување на европскиот проект, туку поради критичната внатрешна позиција на Мерц.
Пендаровски: По она што можам да го заклучам и по оние информации што ги слушам, гледам, ги имам, тоа е дадено од внатрешнополитички потреби. Не е дадено од аспект на тоа дека европскиот проект треба да се заокружи конечно и тоа е стратешки интерес на Германија, туку позицијата на Мерц внатре е прилично критична. Тие после децении и децении не се најсилната партија во Германија. Алтернатива за Германија е на првото место и се шири, не само во источните делови на Германија. Меѓутоа, клучниот момент е – германската економија е во прилично незавидна позиција. Јас скоро видов еден извештај на еден од најдобрите тинк-тенкови во Европа кој анализира зошто Германија пет-шест години минимум наназад оди надолу во економска смисла. Значи, економскиот џин на континентот и во Европската Унија вели тоа е во еден значаен дел околу 40 проценти затоа што Кина успеа да ги супституира сите работи што ги увезуваше од Германија. Кина беше огромен пазар за Германија која до пред две години беше најголемата извозна економија во светот, сега тоа е Кина. Понатаму вели – војната во Украина ги пресече сите патишта на евтин гас и нафта и тоа многу го погоди германското стопанство. И, вели, околу 20 проценти се веројатно тие бирократски процедури кои тешко се менуваат, напротив стануваат сè покомплицирани како оди времето. Јас се прашувам што од овие три структурни моменти ќе се смени во блиска иднина? Ништо. Може само да биде полошо. И многу е битно да се заокружи проектот на Западен Балкан од тој аспект, но немојте да заборавите – две третини минимум од предлогот на Мерц се однесува на Украина. На асоцијативното членство на Украина.
360°: Ако добро ве разбрав, внатрешните потреби не одат на линија на што побрзо да станат членки земјите од регионот и Украина…
Пендаровски: Одат кон тоа Украина да добие асоцијативно членство, а сите во Брисел знаат дека Украина не може да го добие тој статус ако не се направи мировен договор. Значи, практично тоа е заложбата – дајте да ја смириме ситуацијата таму, на сите не ни одговара, на германската економија најмалку. Тоа е, според мене, логиката. И во однос на тоа – може да замислите дека тоа во време на Ангела Меркел немаше шанса да се случи. Бидејќи објективно говорејќи, германскиот канцелар ја нема таа аура ни дома, ни во Европската Унија. И следниот ден, една од најмалите земји членки, Словачка, вели – не го прифаќаме предлогот. Замислете, значи тоа е предлог кој не е ни подготвен, ни дискутиран внатре во ЕУ, и затоа беше практично одбиен неколку дена потоа.
За другите идеи што циркулираат за постепена интеграција на државите кандидатки или членство без право на глас или без комесар, Пендаровски вели дека во базичните документи на Унијата не постои нешто како – постепено членство.
Пендаровски: Јас мислам дека една правно-политичка анализа ќе покаже дека во базичните документи на Европската Унија не постои такво нешто како градуелно членство или инкрементално, како го нарекуваат, или постепено, фазно членство. Или си член или не си член, или преговараш за да станеш член. Така што, мислам дека тоа треба да видиме, деновиве ќе биде овој самит Европска Унија – Западен Балкан, дали таму нешто ќе се кристализира, меѓутоа не сум многу сигурен секогаш кога станува збор за некоја бирократска кованица која доаѓа од Европската Унија. Би било добро ако може тоа практично да се спроведе, меѓутоа не сум сигурен дека сите во Европската Унија мислат исто или слично и го поддржуваат овој предлог. Не сум сигурен околу тоа.
360°: Што мислите, дали Црна Гора ќе стане членка во следните две-три години?
Пендаровски: Од она што го слушам од меѓународниве дипломати со кои имам комуникација, Црна Гора е неспорен лидер во тој процес, со тоа што мислам дека ќе мораат да направат некаква модификација или дополнително објаснување на една резолуција која ја усвоија за Јасеновац во нивниот парламент пред две-три години и поради која Хрватите не беа многу среќни. Ако тоа не го исправат, Хрватска ќе направи, ќе даде минимум неформално вето. Меѓутоа, ако тоа не се случи, ќе биде веројатно првата која ќе стигне до таа цел.
