Од Oбвинителството додаваат оти браќата имале нарушени односи и не разговарале повеќе од 40 години, а тужбата која сега веќе починатите ја поднеле против осомничениот, била од неодамна
Основно јавно обвинителство Гевгелија поднесе барање за притвор за 69-годишникот кој е осомничен за убиство со умисла над сопствените брат и снаа со кои живеел во иста семејна куќа со различни влезови.
Изнесувајќи детали за вчерашното убиство, од Обвинителството посочуваат дека осомничениот ги забележал братот и снаата како се паркираат со своето возило пред дворот на куќата, по што излегол во дворот.
В рака ја држел тужбата што тие двајца неодамна ја поднеле против него бидејќи тој, ставајќи олуци на куќата, скршил плочки и ја оштетил оградата од нивната тераса.
„Кога им забележал за поднесената тужба, тие не сакале да разговараат со него, па осомничениот влегол дома и го зел пиштолот марка ‘Црвена застава’, со калибар 7,62 милиметри кој го поседувал со дозвола. Потоа испукал повеќе куршуми кон братот и снаата, кои од здобиените повреди тие починале на самото место“,
додаваат од Обвинителството.
Од Обвинителството додаваат оти браќата имале нарушени односи и не разговарале повеќе од 40 години.
Вчера, како што информираше Министерството за внатрешни работи (МВР), осомничениот В.Г. (69) ги убил својот две години повозрасен брат Л.Г. (71) и неговата сопруга Т.Г. (62). Тој во 18:50 часот пред влез од куќа во Гевгелија со пиштол пукал кон брата си и снаата, кои од повредите починале на самото место.
Десетина минути подоцна екипи на гевгелиската полиција пристигнале на местото, го уапсиле осомничениот и го одзеле оружјето со кое го извршил убиството.