Откако разбрал за што е осомничен, адвокатот Стојков вели дека му пратил порака да се врати и да даде исказ, затоа што станува збор за сериозна работа. Не сакаше да открие дали и каков одговор добил од Палевски, туку само посочил дека сѐ кажал во полиција
Адвокатот на првоосомничениот за грабнувањето и убиството на Вања Ѓорчевска и велешанецот Панчо Жежовски, Васко Стојков, за ТВ Телма вели дека го однел Љупчо Палевски-Палчо во Белград на преглед затоа што немал возило и не знаел дека е вмешан во двете убиства.
„Ме замоли да го однесам во Белград бидејќи немал возило, а не можел да обезбеди нотар да му се преведе возилото. Јас не знаев ништо за оваа работа. Знам дека требаше да оди во Белград, кажуваше дека закажал прегледи. Ако е така, му реков, ќе те однесам. Не знаев за овие работи. Јас се вратив во Скопје, тој остана затоа што требаше да има прегледи и другиот ден. Рече дека ако е сè во ред ќе се врати назад. Ако не е во ред, рече ќе одел во Истанбул. Кога се вратив, полицијата правеше претреси, ме прашаа и тогаш им кажав“,
објасни адвокатот Стојков во телефонски разговор за Телма на прашањето зошто бил со Палевски кога тој ја напуштил државата.
Посочил и дека имал добра намера да му помогне на Палевски, но дека после сѐ се чувствува злоупотребено.
Откако разбрал за што е осомничен, адвокатот Стојков вели дека му пратил порака да се врати и да даде исказ, затоа што станува збор за сериозна работа.
Не сакаше да открие дали и каков одговор добил од Палевски, туку само посочил дека сѐ кажал во полиција.
Оттогаш Стојков рекол и дека нема повеќе контакт со Палевски, кому освен што му бил адвокат во одредени случаи биле и пријатели.
„Јас сум адвокат и ако сум знаел нешто, што било, сигурно немаше да го носам“,
рече Стојков.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција на која беа изнесени детали за случајот со грабнувањето и убиството на девојчето, рече дека првоосомничениот за убиството на 14-годишната Вања побегнал прво во Белград, а потоа во Бугарија.
„Тоа лице заедно со неговиот адвокат на 30 ноември заминало во Белград, а потоа следниот ден во Бугарија“,
рече Спасовски.
Инаку, Љупчо Палевски е првоосомничен за организирање на грабнувањето и убиствата на Вања Ѓорчевска и велешанецот Панчо Жежовски.
Тој е контроверзен бизнисмен и политичар чиј животен пат и кариера минуваат низ повеќе различни фази и сосема спротивставени улоги. Заедно со познати архитекти и функционери важи за еден од творците на т.н. „урбана мафија“ бидејќи на јавна сцена за неговото име првпат се слуша кога се менуваат урбанистичките планови за скопско Дебар Маало и од мали семејни куќички во срцето на Скопје почнуваат да никнуваат згради. И објектот на ул. „Н.Н. Борче“ пред кој беше киднапирана Вања Ѓорчевска го градеше Палевски.