За гасниот интерконектор Србија доби околу 50 милиони евра подарок од Европската Унија, а околу 20 милиони евра финансира државата
Српскиот претседател Александар Вучиќ оствари средба со својот колега од Бугарија, Румен Радев, во Ниш, каде што денеска пробно е пуштен гасниот интерконектор Ниш – Димитровград.
Освен на Радев, Вучиќ денеска е домаќин и на претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев.
За овој проект Србија доби околу 50 милиони евра подарок од Европската Унија, а околу 20 милиони евра финансира државата.
Вучиќ прво се сретна со Радев, по што следуваше обиколка на интерконекторот, пренесе РТС. Српскиот претседател вели дека оваа соработка носи подобра иднина и ја истакна важноста на енергетската безбедност на Србија.
„Разговаравме за односите меѓу нашите земји, ќе се погрижиме да ги решиме овие ситни проблеми. Кога луѓето сакаат да разговараат, се решаваат ситните проблеми“,
истакна српскиот претседател, а потоа побара од министерката за енергетика да даде изјава во однос на интерконекторот бидејќи поради „глупавите правила“ не смеел да се пофали пред избори.

„Почитувани, не можам да зборувам денес. Имаме глупави правила кои ги донесовме дека кога нешто правиш за својата држава не можеш да се пофалиш со тоа еден месец пред избори. Ќе побарам од министерката за енергетика, бидејќи не е член на ниту една партија, да ни се обрати. Без разлика на сè што сме принудени, сигурно ќе победиме, а и ова е голема победа“,
рече Вучиќ на настанот.
Видеото од неговото објаснување за „глупавите правила“ пред гостите го сподели Н1.