Двете најголеми социјални мрежи на технолошкиот гигант Meta Platforms Inc, Фејсбук и Инстаграм , утрово се соочуваат со голем глобален прекин во работата, оставајќи милиони корисници ширум светот, вклучително и во Македонија, без пристап до своите кориснички сметки. Техничките проблеми започнаа ненадејно околу 10:00 часот по македонско време, предизвикувајќи бран поплаки на алтернативните социјални мрежи.
Дефектот најсилно ја погоди десктоп верзијата а при обид за најава или освежување на страницата, корисниците се соочуваат со бел екран и официјално системско известување: „Налогот е привремено недостапен. Вашиот налог моментално не е достапен поради проблем со страницата. Очекуваме проблемот наскоро да биде решен. Обидете се повторно за неколку минути.“
Специјализираната платформа за следење на состојбата со интернет-сервисите, Downdetector, забележа нагол и масовен скок на пријави во рок од само неколку минути.
Според статистиката на Ројтерс, пријавите доаѓаат од сите меридијани, вклучувајќи ги САД, Велика Британија, Сингапур, па сè до балканскиот регион. Најголемиот дел од проблемите (над 60%) се директно поврзани со функционалноста на веб-страницата, околу 26% со процесот на најавување, додека кај Инстаграм новите содржини воопшто не се вчитуваат или баферираат екстремно бавно.
Македонските корисници масовно пријавуваат потешкотии. Велат дека преку веб-прелистувачите на компјутерите е речиси невозможно да се отвори мрежата, додека мобилните апликации кај дел од граѓаните работат делумно, иако со сериозни забавувања при праќањето пораки и вчитувањето видеа.
Единствената голема платформа во сопственост на Meta која во моментов функционира без никакви пречки на глобално ниво е апликацијата за разменување пораки WhatsApp.
Од корпорацијата на Марк Закерберг сè уште нема официјално соопштение во врска со тоа што ја предизвика оваа криза во нивните дата-центри. На социјалната мрежа X (Твитер), каде што хаштагот #FacebookDown веднаш стана прв тренд, корисниците стравуваат од потенцијален глобален хакерски напад, иако ИТ експертите смируваат дека најверојатно се работи за лошо имплементиран внатрешен код или дефект во DNS серверите на компанијата.
Тие им порачуваат на корисниците да не ја бришат мобилната апликација и да не го притискаат копчето за најава постојано за да не бидат блокирани под сомнеж за спам.
Инженерите на Мета веќе работат на дефектот, а постепено нормализирање на мрежите се очекува во текот на денот.
