Платформата не е замислена само како видеотека, туку како партнер за развој на домашната продукција преку соработка со македонските продукциски куќи
Македонски филмови и серии, но и содржини од регионална, европска и холивудска продукција се дел од програмата што ја нуди првата македонска национална стриминг-платформа – „Глеј“ (Gley).
„’Глеј’ што сакаш, кога сакаш, колку сакаш и каде сакаш“ – е мотото на платформата која беше промовирана денеска како прва македонска платформа од овој тип.
Таа ќе нуди филмови и серии од македонски и странски продукции, со превод на македонски, албански и англиски јазик. Платформата има посебна програма и содржини за деца.
„Идејата беше на едно место да се соберат најдобрите македонски, европски и холивудски филмови и серии. Детските содржини, пак, се категоризирани според возраста и се нахсинхронизирани на македонски и на албански јазик. Целта е еднаш неделно да имаме по една нова премиера – дали е тоа нова серија, нови филмови или нова детска програма“,
порача извршниот менаџер на „Глеј“, Дарко Перушески, на промоцијата на платформата.
„Глеј“ не е само видеотека
Но, главната цел на „Глеј“ не е само на едно место да нуди филмови, серии и документарци, вели Перушески. Поголемата визија е платформата да биде еден вид амбасадор на македонската продукција.
Перушевски објаснува дека платформата има соработка со дел од македонските продукциски куќи за заеднички да работат на развој на домашната продукција.
„Побаравме партнерство со македонски продукциски куќи кои немаа дигитален канал каде да ги пласираат своите производи. Добар дел од продукциите прифатија да се обединиме во поддршката на нашата продукција. Тоа е еден од нашите главни столбови – соработка и помош за понатамошен развој на македонската продукција. Веќе имаме разговори и со поголеми партнери, а идеја е да се вклучи и државата. ‘Глеј’ не е замислена како видеотека, туку како начин да се помогне македонската продукција“,
вели Перушески.
Освен со домашните, „Глеј“ има партнерство и со регионални, европски и холивудски продукциски куќи.
Платформата може да се користи на паметни телевизори, мобилен телефон и како веб-апликација. Нема обврзувачки договори за корисниците, а најниската месечна претплата е 299 денари.