Главниот штаб за управување со кризи при ЦУК утре претпладне во 10 часот, ќе ја одржи седница, која требаше да се одржи денеска, но се одложи, а на која ќе се разгледува планот на Министерството за здравство (МЗ), кои објекти треба да се обезбедуваат.
Во обезбедувањето ќе се вклучи Армијата која ќе ѝ асистира на полицијата и ќр биде на своите позиции без оружје.
„Ние веќе добивме од Министерството за здравство план на објекти кои треба да се обезбедуваат. Утре ќе го разгледаме и ќе го дадеме на МВР да го операционализираат. Ќе побараме од соодветните служби на МВР, во делот на обезбедување, да изготват план – дали се прифаќаат сите точки, дали е доволно покривање во една смена или 24 часа. Врз основа на тоа, ќе предвидат луѓе кога би ротирале во три смени. Тогаш ќе ја имаме ние вистинската слика“,
објасни в.д. директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов во изјава за МИА.
Акцискиот план кој беше донесен на вчерашната седница, потсети тој, сè уште не е поминат и одобрен од Управувачкиот комитет, затоа не може да се процесуира, а треба да помине и на Влада.
„Тоа не значи никакво пролонгирање. Утре сè ќе биде завршено. Утре ќе имаме конкретна бројка на луѓе. Но, Владата носи конечна одлука и врз основа на тоа, како и врз основа на закон и подзаконски акти претседателот ќе нареди употреба на Армијата, но без оружје. Армијата само ќе ѝ асистира на полицијата и не смее самостојно да презема дејствија без полициски службеник со полициски овластувања. Армијата служи за обезбедување на стратешките објекти, на здравствените објекти и магацините од делот на здравството кои имаат лекови, опрема и други медицински материјал, ќе му биде поддршка на здравството да може да функционира безбедно. Сакаме да превенираме за сите да се чувствуваат безбедно, и пациентите и докторите и медицинскиот персонал, воопшто сите граѓани“,
вели Ангелов.
Инаку, седницата што се презакажа за утре, не се одржа денеска затоа што повеќето служби во министерствата, освен дежурните, не работат.