Раководителот на Штабот, Стојанче Ангелов најави дека меѓу мерките е и јакнење на јавната свест за опасноста од болеста, со вклучување и на невладините организации
Главниот штаб за управување со кризи при ЦУК на денешната втора седница од проглаувањето кризна состојба во земјава, го донесе Акциски план.
Во согласност со законот, тој сега е на разгледување на Управувачкиот комитет што е составен од министрите за внатрешни работи, за надворешни работи, за одбрана, здравство, транспорт и врски и јас како раководител на Главниот штаб.
Од Владата соопштија дека на седницата, прво е разгледан и усвоен обемниот предлог – Акциски план што го изготви Центарот за управување со кризи, за превенција и справување со ширењето на ковид-19 и прегледот за расположивите човечки и материјално технички ресурси и план за координирано дејствување.
Тој содржи сеопфатно координирани мерки и активности на субјектите во Системот за управување со кризи, како и рационалнио и ефикасно искористување на расположивите национални ресурси, посочија од Владата во соопштението.
Исто така, утврдени се и активностите на институциите за наредниот период.
Стојанче Ангелов, кој е в.д. директор на ЦУК и раководи со Главниот штаб, по седницата оцени дека состојбата со ковид кај нас не е полоша од онаа во регионот, истакнувајќи дека е под контрола.
Ангелов најави дека една од работите на што ќе се посвети внимание во следниот период е и јакнење на јавната свест, за да се сфати дека се работи за една опасна болест.
Ќе има продолжување на медиумската кампања, како и вклучување на невладиниот сектор.
„Ќе побараме од Советот на Владата за соработка со невладини организации да определат неколку претставници на невладини организации кои се занимаваат со човекови права. Ја разгледавме и соработката со Армијата, која ќе и асистира на полицијата, но и ќе дава директна помош на здравствените установи онаму каде што тоа е потребно“,
изјави Ангелов.
Ангелов апелираше граѓаните да ги почитуваат мерките за заштита.