Здружението „Гласен текстилец“ од Штип денеска испрати отворено писмо до пратениците во Собранието во кое бара од нив под итно да се донесе петтиот пакет на економски мерки. Во писмото се вели дека оваа социо-економска и здравствена криза предизвикана од вирусот Ковид-19, „удри со сета сила по вработените од нископрофитабилните и трудоинтензивни гранки, по жените, младите, возрасните пред пензија, хронично болните лица, самохраните родители“.
„Се соочија со незаконски откази, не продолжување на договорите за работа, намалена плата, доцнење на плата и по два месеца, губење на права од работен однос, се разболуваа на работно место, но се трудеа да опстојат поради нивните семејства. Голем дел од фирмите особено во текстилната индустрија, немаат се уште исплатено плати за февруари и март 2021 година на работниците и работничките, така што тие се оставени на милост и на немилост. Поради неисплата на плати и лошата состојба на фирмите, работниците при користење на здравствени услуги се принудени да плаќаат на приватно. Свесни сте дека тоа значи изложување на огромни парични издатоци и е сериозен проблем за нормално живеење“, се вели во писмото на „Гласен текстилец“ до пратениците.