Најголем број од пријавените фирми се од текстилната и кожарската индустрија, но има и приватни здравствени установи, карго-услуги, автошколи, фирми кои се занимаваат со угостителски дејности, продавници и казина
Работници од вкупно 62 фирми низ земјава пријавиле оти воопшто не им е исплатен регрес за годишен одмор познат како К-15 или, пак добиле минимален износ од 100 до 500 денари. Најголем број од пријавените фирми се од текстилната и кожарската индустрија, но има и приватни здравствени установи, карго-услуги, автошколи, фирми кои се занимаваат со угостителски дејности, продавници и казина.
Од невладината „Гласен текстилец“, каде што и стигнувале пријавите на работниците, велат дека најмногу пријави имаат добиено од Штип, Скопје, Куманово, но и од другите градови низ земјава. Според нивните податоци, 46 македонски компании воопшто не исплатиле регрес за годишен одмор до законски предвидениот рок, а 16 фирми извршиле делумна исплата од 100 до 500 денари како надомест за К-15.
„Од тие вкупно 62 фирми што се пријавени, 46 не исплатиле воопшто. Државен трудов инспекторат ќе отиде, ќе им каже дека треба да исплатат К-15, меѓутоа, колективниот договор дозволува исплата на тие срамни суми од 500, од 100 денари да поминат, па дури и таму каде што има синдикално организирање“,
рече Кристина Ампева од невладината организација „Гласен текстилец“.
Таа смета дека постојните законски решенија им дозволуваат на фирмите, кои ќе прикажат дека работеле со загуба, да исплаќаат минимални износи. Според неа, решението за да се надминат ваквите манипулации е во новиот Закон за работни односи.
„Да се донесе новиот Закон за работни односи и внатре да стои децидно дека К-15 им следува и во јавен и во приватен сектор, да биде определен минималниот износ, за да не се наоѓаме во вакви ситуации“,
вели Ампева.
Ампева посочи и дека фирмите кои константно го кршат Законот за исплата на минималната плата, наместо прекршочни, треба да добиваат кривични пријави и додаде оти сегашните глоби во Законот за прекршоци се прениски и тоа за фирмите што со исплатата на плата доцнат со месеци.
Од невладината организација „Гласен текстилец“ испратиле барање до Инспекторат за труд за една компанија, што според нив треба да биде пример за останатите дека треба да се почитува Законот.
„Се надевам дека Државниот трудов инспекторат ќе покренат кривична постапка и за вакви фирми коишто постојано го прават тоа. Мислам дека кривичните пријави ќе имаат некој импакт поголем, бидејќи не секој сака да биде под финансиска истрага, под истрага на Управа за јавни приходи или, пак, од Јавното обвинителство, па нека решат останатите дали ќе сакаат да го следат тој пример“,
додаде Ампева.
Во однос на оспорувањето на Законот за недела неработен ден од страна на Стопанската комора пред Уставниот суд, Ампева вели дека било очекувано, но очекува и подобрување на работничките права со новиот Закон за работни односи на кој се чека веќе три години.